Ако Бугарија тврди дека правата на неколку стотини Бугари во државава и уставните измени се единствената пречка на европскиот пат на Македонија, нека ја признаат самобитноста на македонскиот јазик и идентитет. Премиерот Христијан Мицкоски испрати понуда до Софија, во Европскиот Парламент да се поднесе Резолуција со која ќе се потврдат јазикот и идентитетот.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Анотнио Милошоски изразува скептицизам дека ова ќе биде прифатено, бидејќи според пораките кои доаѓаат од официјална Софија целта е само почеток на многу други барања и изговори кои ќе ги има Бугарија за идни блокади во текот на преговарачкиот процес.
-Доколку пречка за македонските евроинтеграциие само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија, да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, изјави Милошоски.
Според Милошоски, Бугарија за жал, сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што нема во современиот демократски свет. Вели помош за ваквиот обид, добиваат и од некои претставници на СДСМ, а тоа го потврдил и лидерот на партијата Венко Филишче, кој неколку пати повторил дека е подготвен сервилно да изгласа се што Бугарија ќе стави на маса.
Понудата за Резолуција со која во Европскиот Парламент ќе се потврди македонскиот јазик и идентитет, доаѓа откако тие термини беа избришани од извештајот за напредокот на Македонија, поради амандмани од бугарски европратеници.
Матеја Петровски

