И покрај тоа што извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот Парламент, најверојатно ќе помине без македонски јазик и идентитет, сепак претставува еден вид дипоматска победа на државава, бидејќи цела Европа виде која е вистинската цел на Бугарија, а тоа не се никакви малцински права на неколку стотици Бугари, туку целосно негирање на македонската нација.
Однесувањето на бугарските европатеници е доказ дека уставните измени се само параван на сите нерационални долговечни цели поврзани со Македонија, кои се постари дури и од самата Европска Унија. Дипломатот Зоран Дабиќ вели дека она што го прави Софија нема никаква врска со европските вредности.
-Извештајот за напредокот на Македонија, не би смеел да се претвори во една алатка за исполнување на национални политички цели и агенди, кои се дури и постари и од самата Европска Унија. Секако дека некои од нашите соседи, Бугарија, па ги рекол и Грција, гледаат преку нашиот процес на пристапување да исполнат свои долговечни цели. Но, тоа секако не е на линија вредностите на Европската Унијата, методите со кои тие се служат, изјави Дабиќ.

Седум години попустливоста беше главна одлика на македонската дипломатија, но работите се променија со промената на власта, Македонија сега има јасни црвени линии преку кои не може да се помине. Уставните измени се возможни само со одложено дејство, односно при ратификацијата на членството во Европската Унија. Според Дабиќ, и повеќе од доволни биле националните отстапки кои државава ги правела и добро е што се ставило крај на таквата политика.
-Патот кон европското членство не треба да биде поплочен само со национални отстапки. Мене многу колеги дипломати во Брисел ми збореа, ќе треба да проголтате уште една жаба, но мислам дека веќе доста, не доста туку премногу жаби проголтавме, за да можеме да продолжиме по истиот пат. Навистина е апсурдно како Бугарија, земја членка на Европската Унија, не ја почитува Рамковната конвенција за човекови права, која самата ја има потпишано, изјави Дабиќ.
Бугарските европратеници со амандмани бараат пред македонски јазик и идентитет да стои придавкаста „модерен“, што е целосно неприфатливо за власта во Македонија.
Матеја Петровски
