Државата ќе ангажира 400 привремени пожарникари, граѓани кои се физички подготвени да се вклучат во гаснењето на шумските пожари. Право на пријавување имаат сите невработени лица, кои ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари.
Најпосветените и најуспешните меѓу нив ќе добијат можност за трајно вработување во надлежните институции. Преку оваа мерка, Владата очекува поефикасна борба со огнените стихии кои секое лето уништуваат илјадници хектари шума и често претставуваат закана по безбедноста на населението.
„Оваа мерка има двоен ефект еколошки и социјален, од една страна обезбедуваме приходи и вклучување на невработени лица со што даваме конкретна поддршка на ранливи категории на граѓани односно невработени, од друга страна создаваме функционален и одржлив систем за заштита од пожари, со кој е предвидено да опфати 14 општини низ државата“, изјави портпаролката на Владата Марија Митева.
Од Владата се децидни дека пријавувањето ќе се одвива транспарентно, а сите заинтересирани ќе можат да се пријават на јавниот повик во општинтие каде има територијални противпожарни единици. Во моментов се работи на оформување и на нова специјална едница во рамките на Дирекцијата за Заштита и Спасување. Оние кои ќе аплицираат ќе поминат низ процес на кратка обука, а потоа ќе бидат избрани најдобрите.
„Оние кои ќе аплицираат на овој оглас треба да бидат психофизички здрави. Но дополнително ќе утврдиме на кој начин ќе биде проверена и физичката подготвеност затоа што има луѓе кои што имаат хронични болести, кои имаат срцеви заболување, кои имаат проблем со шеќерот не е добро да се пријавуваат на вакви огласи“, изјави Стојанче Ангелов директор за ДЗС.
„Затоа што знаете дека согласо закон на секои 1500 жители мора да има по еден пожарникар. Додека вкупната бројка која е потребна да се исполнат сите услови согласно закон е нешто повисока од 1500 пожарникари, значи скоро дупло поголема“, изјави Душица Перишиќ извршен директор на ЗЕЛС.
Ангелов посочи дека состојбата со пожарите во моментов не е алармантна и дека претежно горат грмушки и нискостеблести растенија.

