САД и Кина соопштија дека постигнале договор со кој се става крај на трговската војна меѓу двете земји, но спогодбата не ги решава сите отворени прашања во билатералната трговија. Договорот, потпишан пред два дена, се темели на рамковните спогодби постигнати во Женева, во мај.
Американскиот секретар за трговија, Хауард Лутник, изјави дека договорот вклучува обврска од Кина за испорака на ретки метали, а за возврат, САД ќе ги укинат контрамерките. Кинеското Министерство за трговија потврди дека ќе ги разгледа барањата за извоз на контролирани стоки, додека САД ќе ги укинат ограничувачките мерки, без да се прецизира за кои точно станува збор.
Спогодбата не опфаќа прашања како нелегалниот увоз на фентанил или целосниот пристап на американските извозници до кинескиот пазар. Договорот чека одобрување од американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг.
