
Обвинителството отвори истрага за службеникот од Народна Банка Зоран Давитков поради сомнение дека се ослободил од синиот ранец во кој според сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, бил пиштолот со којшто свирепо се убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Според Обвинителството, Давитков , преку Манев добил наредба од Палевски, од просториите на политичката партија Десна да го земе ранецот во кој се наоѓал пиштолот со којшто биле извршени убиствата, и да го отстрани од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени, информира Обвинителство.
Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот, информира Обвинителството.

Исто така, оттаму додаваат дека истрагата против Давитков е издвоена од судската постапка против петтмината осомничени за органзиирање и киднапирање на жртвите. Според дел од јавните објави, Давитков е сопруг на судијката од Кривичен суд, Ленка Давиткова.
Инаку, на самиот крај од судскиот процес сведочењето на второобвинетиот Велибор Манев за уништувањето на доказите со кои се направени грозоморните убиствата предзвивка лавина од реакции за пропусти во истрагата и обезбедувањето на докази.
Јавноста прашува, зошто сега зборовите на Манев тежат, кога тој и претходно за време на судењето спомена дека знае што се случило со пиштолот, по убиствата. Пред еден месец кога тој даваше исказ во судот, посочи дека извесно лице коешто му е познато на Палевски, било задолжено да го уништи крунскиот доказ. Сепак, обвинителката беше убедена дека истрагата била темелна и опширна.
Велибор Манев во завршните зборови рече дека Зоран Давитков службеник во Народна банка и член на партија „Десна“ по налог на Палевски го сокрил пиштолот со коишто се извршени убиствата. Според сведочењето, Давитков добил повик од манев во кој му ја пренел наредбата на Палевски да се погрижи за синиот ранец, да го сокрие или уништи, и со сигурност да се ослободи од него, а внатре се наоѓал пиштолот и неколку мотороли со кои комуницирале обвинетите.
Наредната недела Кривичниот суд ќе ја објави одлуката за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски што се случија пред година ипол. Обвинетите сопартијци од Десна се соочуваат со најдраконската затворска казна, доживотен затвор бидејќи Обвинителството ги товари дека ги киднапирале и убиле жртвите, а мотивот бил пари и откуп.
