Кога пријателството e условено, добрососедството завиено во уцени, а историјата алатка за политички притисок повеќе од потребно е да се постават границите и Бугарија конечно да престане да го негира македонскиот идентитет. За македонската влада, тие црвени линии се одамна јасно поставени и преку нив не смее да се оди ниту чекор. Во една ситуација на зголемени тензии помеѓу Скопје и Софија, премиерот Христијан Мицкоски е дециден – нема отстапување, особено кога станува збор за идентитетските прашања. Овие пораки доаѓаат на една недела пред дебатата во Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент, која се однесува на извештајот за Македонија.
Шефот на Владата очекува бугарските европратеници да се повлечат од идејата да интервенираат во извештајот, со само еден збор кој целосно ја менува суштината. Односно, во делот каде што е признат многувековниот македонски идентитет да стои зборот „презент“ или „сегашност“.
„Нашите стари рекле помалку случај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече премиерот Мицкоски.

Изјавите од Софија продолжуваат да бидат нејасни. Од една страна, претседателот на Бугарија вчера изјави дека нема блокада, но од друга страна, токму тие формулации што задираат во јазикот и идентитетот – се една од најголемите уцени за Македонија. Румен Радев, вчера во Тирана изјави дека нема да има значајни поместувања во однос на евроинтеграциите на Македонија, доколку не се испочитува Преговарачката рамка. Тој нагласи дека Бугарија не поставува нови услови, туку инсистира на целосно спроведување на веќе усвоените договори – како што се Договорот за добрососедство од 2017 година, два билатерални протоколи, и Преговарачката рамка од 2022 година која предвидува внесување на Бугарите во македонскиот устав.
„Не станува збор за вето или забавување на процесот од страна на соседна земја. Зборуваме за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото. Сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска земја, како пријателска земја, има голема желба и е подготвена да ви подаде рака, за да можат вашето државно раководство и општеството многу побрзо да се соочат со предизвиците и да ги спроведат Копенхашките критериуми за членство. Сето ова има за цел иста цел, сите земји да се обединат и да станат членки“, рече бугарскиот претседател.
Ние не бараме никаков ексклузивен статус. Ние бараме стандардно однесување во духот на она што постојано го повторувам. Сакам да живеам во стандардна европска држава, не сакам да биде мојата држава исклучок од сите други, правилата треба да важат за сите, изјави во Тирана Сиљановска – Давкова, која вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од ПСЈИЕ.
Во исто време кога Софија инсистира на вакви уставни измени, не ги почитува пресудите од Судот во Стразбур кои се однесуваат на правата на Македонците во Бугарија, а во нејзиниот комитет за малцинства нема ниту еден претставник од Македонија. Ова до толку повеќе ја разоткрива суштината – наместо добрососедство, Бугарија спроведува политика на условувања и негирања, што нема никаква врска со европски вредности.
