Тоа што чини ќе остане, тоа што не чини ќе лета. Почна изработката на новата стратегија за образование со важност од 2026 до 2032 година. Таа ќе се фокусира на обезбедување еднаков пристап до квалитетно орбазование за сите, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите, усогласеност на образовните политики со пазарот на труд, дигитална и медиумска писменост и примена на новите технологии. МОН, денеска ја одржа првата работна средба со повеќе институции, образовни установи и претставници на граѓанскиот сектор, како и меѓународни партнери.
„Ова е сложен процес денес е првиот состанок, процесот ќе потрае, не е лесен, но сигурна сум дека сите на крај ќе извадиме добар продукт кој ќе обезбеди квалитет и иновации во образованието. Она што сме процениле дека е добро ќе продолжиме да го имплементираме. Она што не ги дало резултатите од претходната стратегија ќе го модифицираме и ќе внесеме нови елементи. Затоа што не можеме да стоиме во место и мора да се прилагодиме на глобалните потреби“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.
Поддржувачи на новата стратегија се и УНИЦЕФ, УНДП, Светска банка и ГИЗ, со кои МОН денеска потпиша и официјален меморандум за поддршка.

„Она што е многу важно е развојот на стручното образование и обука кое е едно од главните елементи на новата стратегија за образование со која се разгледуваат оние клучни прашања поврзани со пополнување на празниците поврзани со развојот на вештини со усогласување на побарувачката и потребите на економијата и постои особена важна потреба да се развие сеопфатна стратегија за целото образование“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорката на Германија во Македонија.
„Ние сме доста оптимистични и веруваме дека новата стратегија за образование ќе обезбеди новини во образованието и ќе осигура континуитет во самиот развој на образованието во следните седум до десет години“, изјави Лесли Милер, претставничката на УНИЦЕФ
Преку заедничка визија и долгорочен план, новата стратегија треба да го приближи образованието во Македонија до современите европски и светски стандарди.
