До крајот на оваа седмица ќе се дефинираат кадровските решенија во владата откако Арбен Таравари од Алијанса за Албанците ја напушти Владата. Премиерот Христијан Миџкоски најави дека предлогот за нов министер за здравство до собранието ќе го достави на почетокот на идната недела.
Иако кажа дека позицијата министер за здравство останува за коалицијата Вреди, Мицкоски е дециден дека како како претседател на Владата има право да каже не за евентуален предлог на личност со која не би можел да соработува.
„Тоа портфолио останува во рамките на коалицијата ‘Вреди’. Очекувам во текот на следната недела да имаме предлог. Ние вчера, по владината седница, имавме коалициска координација. Разговараме за тоа што не очекува во периодот што е пред нас така што како краен рок крајот на оваа недела го дадовме за да ги дефинираме кадровските решенија и веќе да може во понеделник вторник јас да ги доставам до пратениците во Собранието“ рече премиерот Мицкоски.

Овие дилеми за евентуални рокади се поставија откако по оставката на Таравари, лидерот на БЕСА, движење кое е дел од коалицијата вреди, рече дека не е исклучена можноста за менување ресори со ВМРО-ДПМНЕ, односно дека е можно „Вреди“ да го преземе ресорот образование, а да го отстапи здравството.
Што се однесува до стабилноста на владејачкото мнозинство, Мицкоски нема дилеми дека е стабилно и има речици двотретинска поддршка во рамки на Парламентот. За одлуката на Таравари вели дека е негов личен избор откако ја промени реториката и замина во прегратките на како што рече, оние кои две децении ја срамеа Македонија
„Владата е стабилна и силна. Има речиси двотретинска поддршка во рамките на парлчаментот, и очекувам да продолжиме со коалицијата ВРЕДИ онаму каде што излезе министерот за здравство кој ја промени реториката во последните неколку дена и сега е во прегратките на оние кои последните две децении ја срамеа Македонија, но тоа е негова одлука“, рече Мицкоски.
Арбен Таравари имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама, за кој во јавноста веќе се знае дека има добра соработка со Демократската унија за интеграција и ги поддржува нивните политики. За оваа средба, Мицкоски не сакаше да коментира многу, само рече дека претпоставува оти зборувале за соработката помеѓу Македонија и Албанија и предизвиците со кои се соочува регионот.
Инаку, поранешната потпретседателка на Алијанса за Албанците Бујаре Абази е избрана за претседателка на Комисијата за хартии од вредност, што укажува на тоа дека таа одлучила да остане во власта и го напуштила политичкиот курс на Арбен Таравари, кој реши да ја напушти владата и да делува опозициски. Именувањето на Абази, на чело на Комисијата беше изгласано во Собранието, со 59 гласа „за“, а таа, во својата прва изјава по назначувањето изрази благодарност до повеќе претставници на актуелната власт, меѓу кои, Арбен Фетаи и Азир Алиу – без да го спомене Таравари. Овој потег, како и нејзиното јавно дистанцирање од тековното раководство на Алијанса се толкува како потврда за нејзиниот избор на нов политички правец.
