Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, истакна дека конечно по многу години, корупцијата и трулежот на системот не доминираат кај граѓаните.
„Подолго време укажуваме дека една од најлошите работи што политичар може да ја направи е да ги потцени сопствените граѓани, како што тоа СДСМ го правеше седум години. Водењето политика по принципот ‘купи ден, продај’, потценувајќи ги сопствените гласачи, секогаш води кон вакви резултати. Тоа го видоа прво на изборите, а сега и преку анкетите“, рече Стојаноски.
Тој додаде дека анкетата не се однесувала само на политичките показатели, туку и на оценките за владините политики.

„Анализирајќи ја целосно анкетата, станува јасно дека не се мери само политичката поддршка, туку и перцепцијата за владините политики. Ова за нас е особено важно, бидејќи ја преземавме власта со цел да решаваме проблеми и да ја обновиме државата што ја наследивме во руинирана состојба, без функционален систем. Гледајќи дека граѓаните ги препознаваат реформите, особено во правосудството и економијата, ни дава дополнителна мотивација“, нагласи Стојаноски.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ очекува убедлив историски триумф на наредните локални избори.
„Според анкетите, ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе оствари убедлив историски триумф, со повеќе од педесет освоени општини и значително повеќе советници од сегашниот број“, изјави Стојаноски.
Дополнително, тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи дури и ако целата опозиција се обедини.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе има повеќе општини и советници од сите опозициски партии заедно, без разлика дали ќе настапат обединети или одделно“, рече тој.
Стојаноски објасни дека водството од 5:1 наспроти СДСМ треба да се гледа како водство на ВМРО-ДПМНЕ против целата опозициска коалиција.
„Тоа 5:1 не го гледаме само како разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, туку како водство против целата нивна коалиција, вклучително ДУИ и Левица, чии политики и координации се слични“, прецизираше Стојаноски.
На крајот, Стојаноски повтори дека за првпат по долго време, граѓаните гледаат надеж за промени и дека корупцијата не е повеќе доминантна.
„Граѓаните веќе не гледаат политички моќници кои доаѓаат со патики вредни колку просечна македонска плата и диктираат големи проекти. Денес има неселективност и вистинска борба против системскиот трулеж“, заклучи Стојаноски.
