
76-годишниот Питер Турксон – тој е поранешен бискуп на Кејп Коста, би бил првиот Папа со темна кожа и би имал силно влијание во Африка. Тој е роден во Гана, а Папата Франциск го испратил како мировен пратеник во Јужен Судан. Зазема средна позиција кога станува збор за истополовите односи – смета дека законите во многу африкански земји се престроги, но и дека треба да се почитуваат ставовите на Африканците за ова прашање. Турксон беше меѓу фаворитите на обложувалниците за време на конклавата во 2013 година, кога беше избран Папата Франциск.
Луис Антонио Тагле, 67 години – поранешниот надбискуп од Манила важи за еден од главните фаворити според обложувалниците. Тој би бил првиот Папа од Азија – регионот со најбрзо растечко католичко население. Се спротивстави на правата за абортус на Филипините, но генерално се смета за полиберален кандидат. Смета дека Католичката црква била премногу остра кон истополовите и разведените парови, што, според него, ја попречувало нејзината мисионерска активност.
Пјетро Паролин, 70 години – би претставувал „континуитет“, бидејќи како државен секретар на Ватикан тесно соработувал со Папата Франциск. Се смета за умерен, иако не толку либерален како Папата Франциск. Кога Ирска ги легализираше истополовите бракови во 2015 година, Паролин го нарече тоа „пораз за човештвото“. Неговата репутација е малку ослабена во последно време поради неговата улога во договорот од 2018 година меѓу Ватикан и Кина, што многумина го гледаат како отстапка за Комунистичката партија на Кина.

Петер Ердо, 72 години – надбискупот од Естергом-Будимпешта, би бил вториот Папа од поранешниот Советски блок, по Јован Павле Втори. Се залага за рехабилитација на неговиот претходник Јозеф Миндсенти, кој беше уапсен поради спротивставување на комунистичкиот режим во Унгарија. Ердо е крајно конзервативен и се спротивставува на Светата причест на разведени или премажени католици.
Хозе Толентино, 59 години – роден во Мадеира, родното место на Кристијано Роналдо. Тој служеше како надбискуп и имаше неколку функции во Ватикан. Како еден од помладите кандидати, се залага библиските научници повеќе да се поврзуваат со современиот свет – преку филмови и музика.
Матео Чупи, 69 години – е надбискуп на Болоња од 2015 година, а во 2019 година Папата Франциск го назначи за кардинал. Пред две години тој стана мировен пратеник на Папата за Украина и ја посети Москва за да „охрабри гест на хуманост“. Иако не успеа да се сретне со Путин, се сретна со патријархот Кирил, поглавар на Руската православна црква, но без поголем дипломатски напредок.
Седмиот на листата е 68-годишниот Марио Грек – Грк од Малта, кој претходно беше бискуп од Гозо, а моментално е генерален секретар на Бискупскиот синод. Тој ја повика Црквата да „учи нов јазик“ кога им се обраќа на истополовите парови и разведените, иако се уште се смета себеси донекаде традиционалист.
Последниот е 79-годишниот Роберт Сара – роден во Француска Гвинеја. Сара е уште еден кандидат кој би можел да стане првиот црн Папа – иако неговата возраст не е баш соодветна. Во Ватикан работи уште од времето на Јован Павле Втори. Тој е конзервативец, ја осуди родовата идеологија како закана за општеството и често зборуваше против исламскиот фундаментализам.
