Спасувачките екипи се уште се обидуваат да стигант до телата на неколкуте преживеани кои се затрупани под урнатините на познатиот ноќен клуб „Џет сет“, во Доминиканската Република чиј покрив се урна синоќа околу 45 минути по полноќ. Екипите повеќе од 24 часа работат на отстранување на тешките блокови бетон.
„Владата продолжува со спасувачките акции за извлекување на луѓето кои завршија под урнатините. Досега спасивме неколкумина“, изјави Хуан Мануел Мендез, Директорот на Центарот за итни операции.
Бројката на загинати расте од минута во минута. Според официјалните информации досега најмалку 98 луѓе загинаа, а повеќе од 150 се повредени. Несреќата се случила за време на концертот на популарниот доминикански пејач Руби Перез, кој како што пренесоа властите е меѓу загинатите. Во моментот кога кровот се срушил во клубот имало политичари, спортисти и други познати личности. Меѓу загинатите е и поранешниот бејзбол играч од Америка, Октавио Дотел. Претседателот на Доминиканската Република, рече дека сите државни институции се ставени на располагање.

„Нашата главна цел во моментов е да спасиме животи. Од доцна синоќа ја следиме ситуацијата од минута во минута и сите државни ресурси се ставени на располагање, сите институции се ставени на располагање. Но, имаме уште пат за одење. Веруваме во Господ дека ќе спасиме уште преживеани во урнатините“, изјави Луис Абинадер, претседателот на Доминиканската Република.
Надлежните се уште ги утврдуваат причините зошто дошло до уривање на покривот. Не е познато кога последен пат е извршена проверка во клубот, кој работи повеќе од пет децении. Доминиканската република важи за држава во која надлежните многу ретко ги проверуваат зградите.
Се работи за најпознатиот ноќен клуб во јужниот дел на главниот град, Санто Доминго, кој бил отворен во 1973 година, а работел како клуб и ресторан.
