
Во скопскиот Кривичен суд продолжува судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На рочиштето, според распоредот, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и Љупчо Палевски. На претходното судење, обвинетиот Влатко Кешишев одговараше на прашања од првообвинетиот за убиствата, Љупчо Палевски. Тој рече дека Палевски имал црна кутија во која чувал снимени телефонски разговори и дека им пуштил некои од нив да ги слушаат. Според обвинението, Палевски, Видевски, Манев, Кешишев и Ѓорчевски заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања за да изнудат откуп од нејзиното семејство. Грабнувањето на Панче Жежовски во Велес било со цел да се добие неговото возило „Цитроен“, кое подоцна било користено за киднапирањето на Вања. Малолетната Вања и Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, а беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година, во близина на Скопје и Велес.
