
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека коалицијата во владата е стабилна, а дека јавното препукување помеѓу пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и министерот за правда, Игор Филков, од коалицискиот партнер ЗНАМ, според него, ќе застане, како што рече, на овие два лични ставови.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за конфликтот помеѓу Милошоски и Филков, истакна дека секој има право на лош ден.
„Коалицијата во владата е стабилна. Пратеникот Антонијо Милошоски е член на Извршниот комитет на партијата и дел од мојот најблизок тим. Соработката со него ја оценувам на највисоко ниво. Тој претставува додадена вредност, и во пратеничката група, и во рамките на партијата. Министерот за правда, Игор Филков, знам со какви проблеми се соочи и каква состојба затекна во Министерството за правда. Континуирано соработуваме на дневна основа, особено во делот на реформите, кои се многу важни за секторот правда. Сепак, убеден сум дека овие препукувања ќе застанат на овие два лични ставови, бидејќи секој има право на лош ден. Мислам дека за еден и за другиот, тоа веќе заврши“, изјави Мицкоски, по пуштањето на фабриката на „Магна мехатроникс“ во ТИРЗ Штип.

Прашан дали има проблеми со коалицијата „Вреди“, во која е вклучен и министерот за здравство, Арбен Таравари, кој ја предводи една од крилата на Алијансата за Албанците, Мицкоски одговори дека нема такво чувство и нагласи дека соработката е одлична.
„Не, немам такво чувство. Напротив, имаме исклучителна соработка. Граѓаните да бидат уверени, Владата е стабилна. Повеќе од две третини неофицијално, а официјално 78 пратеници ја поддржуваат оваа Влада. Според она што го гледам од анкетите, граѓаните даваат огромна поддршка и позитивно мислење дека Македонија се движи во позитивна насока. Тоа претставува инспирација за нас да продолжиме да работиме и да се движиме напред“, изјави Мицкоски.
