
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, назначи нови шефови на полицијата во Штип и во Кочани, откако беа разрешени досегашните началници. Бојан Величковски е именуван за нов началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а Игор Јаковлевски на Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Кочани. За нов командир на Полицијската станица (ПС) во Кочани е назначен Горан Миленковски.
По трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, Тошковски разреше седуммина началници од СВР Штип и од ОВР Кочани.
Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое има специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против седумтемина полициски службеници. Според ОЈО ГКК, тие имаат одговорност за катастрофалниот пожар, кој се случи во објект кој работел како дискотека, иако не исполнил никакви услови. Сите уапсени полициски началници добија притвор од 30 дена.
