Реклама
Прилози

Трагедија во Волково, кираџија го убил газдата, па се самоубил

Кираџија си го уби газдата, му го рани малолетниот син, па сам…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Кираџија си го уби газдата, му го рани малолетниот син, па сам си пресуди со истата ловечка пушка. Волково се разбуди со ужасната вест од улицата бр. 25, каде се случи убиство, ранување на 16 годишно момче и самоубиство.

За среќа, повредениот малолетник е во стабилна состојба.

Што точно се случувало меѓу сега веќе убиениот каде живеел со сопругата и двата сина и потстанарот во заедничкиот двор со двете куќи, засега нема официјални информации.

Реклама

Од она што го сведочат соседите станува збор за двајца мирни луѓе кои никогаш немале караници меѓу нив. Кираџијата бил таксист и во Волково живееел околу 2 години, сам без семејство. Оние што го познаваат раскажуваат дека три дена без престан возел како таксист, па три дена пиел и не станувал од кревет. Дали убиството е последица од лошо пијанство или имало некоја кавга, соседите не знаат бидејќи утрото пред 9 часот било мирно и не слушнале ништо. Ги разбудиле пукотници од огнено оружје, проследени со сирени на полицијата и на брзата помош. Кога излегле на улица, се открила ужасна глетка, телото на сопственикот лежело неподвижно и безживотно на скалите, во локва крв.

МВР засега не открива детали.

Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди  се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Неколку часа по грозоморниот настан екипи на МВР се уште правеа увид. Дојдоа и неколку возила на брза помош, а на соседите им беше забрането да го напуштаат местото на настанот.

Јавен обвинител, полициски и други увидни екипи вршат увид на лице место и ги преземаат сите дејствија за расчистување на настанот. Издадена е наредба за обдукција на телата на двајцата починати. Од лице место е подигнато оружјето кое ќе биде предмет на вештачење. Ќе се вршат балистички и други вештачења со цел да се утврдат сите околности на настанот, информираат од Јавното обвинителство.

 Истрагата допрва треба да утврди кој е мотивот за овој грозоморен чин.