Хрватска е силен поддржувач на Македонија во напорите да го оствари европскиот сон, да ги надмине препреките кои често пати се неправедни и да и помогне во спроведувањето на реформите преку различни иницијативи, проекти, парламентарна соработка. Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ по средбата со неговиот македонски колега, Африм Гаши порача дека политичките односи меѓу Македонија и Хрватска се на високо ниво и дека економската соработка продолжува да се развива. Тој ја нагласи важноста на соработката на парламентарен план, а ги потврди и позитивните односи помеѓу народите на двете земји, посочувајќи ја историјата како основа на силното пријателство.
Важно е да имате пријатели и партнери. Тоа е сржта на мојата посета. Да го развиеме партнерството. Хрватска ве поддржува кон ЕУ. Знаеме дека има проблеми, го следиме патот ваш, имавте тешко остварено членство во НАТО, сега се обидувате да ги преминете препреките кон ЕУ. Ние ве охрабруваме. Членството има геополитички придобивки, но важни се и реформите бидејќи ги зајакнавме институциите, економијата, направивме подлога за економски развој, и ве охрабрувам да дадете се од себе да имате посилни институции и повисок стандард без разлика на препреките кои се неправедни, вие ја имате нашата поддршка, изјави Јандроковиќ.
Јандроковиќ се обрати и пред пратениците. Зборуваше и за македонските евроинтеграции но и за фактот дека светот политички се менува, посебно во контекст на новите околности со војната во Украина. Тој истакна дека овие денови и над ЕУ и над НАТО се надвиснуваат сиви облаци.

Не знаеме како ќе изгледа нивната иднина и затоа е многу важно да се вложува голем труд, да се воспостави траен светски мир. Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина… Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било и силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан којшто ќе создаде нестабилност и којшто ќе значи оправдување на агресија, истакна Јандроковиќ.
Зборувајќи за начините како може да се продлабочи соработката на релација Скопје – Загреб, Гаши се осврна и на македонските евроинтеграции со посебен акцент на фактот дека двете земји во иста година го имаат потпишано договорот за асоцијација и стабилизација, а Македонија е се уште заглавена во чекалната.
Денес во Собранието да пречекам еден искрен пријател на нашата земја, претседателот на хрватскиот Сабор и членовите на неговата делегација. После нашиот состанок можам да го потврдам силното партнерство кое се темели на почит, заеднички вредности и соработка во многу области. Македонија и Хрватска се искрено заинтересирање за продлабочување на соработката, преку разни проекти и иницијативи. Разговаравме и за напредокот и предизвиците и можностите за унапредување на евроинтеграциите. Хрватска беше и останува силен и постојан поддржувач наевропската перспектива на Македонија. Верувам дека Хрватска е пример како може да ги спроведеме реформите. Потсетувам дека двете земји го потпишаа дог за стабилизација и асоцијација во иста година, а сега Македонија заостанува во овој процес поради добро познати причини, рече Гаши.
Патот на Македонија кон ЕУ е долг и со многу препреки, посебно последните години бидејќи се дозволи билатерализација на целиот процес, а барањата на соседите стануваа се поголеми и поголеми. Актуелната власт сега бара гаранции, пред да го исполни и барањето на Бугарија за уставни измени, со што ќе се заштитиме од дополнителни уцени и ултиматуми.
