Банките денеска треба конечно да донесат одлука околу каматата по која ќе им ги нудат кредитите на компаниите од унгарскиот заем во вредност од 250 милиони евра. Тие треба да пресечат дали можат да ја спуштаат стапката за задолжување пониско од 3,25% за бизнисот, камата која Владата ќе и ја плаќа на Унгарија за земените пари. Вчера министерката за финансии имала состаноци со секоја банка поединечно. Тие веќе прифатија да нудат кредити со грејс период до 3 години и рок на отплата до 12 години.
Сите банки се вклучени во проектот за кредитирање на стопанството. Тоа значи дека секоја компанија ќе може да аплицира во банка по избор, без да треба да ги префрла сметките кај некоја друга банка.
Главницата, односно 250-те милиони евра кои ќе ги дадат во вид на кредити, банките ќе ги вратат кај државата која треба да го враќа унгарскиот заем. За каматата обврска за банките не постои, односно Владата ќе и плати 3,25% на Унгарија. Во повеќе наврати, Владата бараше од банките кои имаат астрономски профити да бидат солидарни и да им понудат пониски камати на фирмите. Инаку банките годинава ги срушија сите рекорди со историски највисоки профити. Повеќе од 160 милиони евра изнесува заедничкиот профит на трите најголеми банки во земјава и тоа за само 9 месеци.
