Реклама
Прилози

Ќе му пресуди Таравари на Ахмети или обратно?

Паралелни состаноци, тајни средби по кафани, разрешувања на директори, притисок за оставки…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Паралелни состаноци, тајни средби по кафани, разрешувања на директори, притисок за оставки на министри – во Алијанса расколот го достигна врвот. Одлуката партискиот претседател да се оддалечи од ДУИ, предизвикува сериозни проблеми за партијата.

Откако Зијадин Села најави централно собрание за сабота во Гостивар, Арбен Таравари побрза да закаже средба за утре во Куманово.

Дали истата средба ќе биде претставена и како официјален состанок на собранието, засега не се знае. Алфа се обиде да добие одговори од партиските служби, но таму наидовме на молк.

Реклама

Најавата за одржување на можно паралелно централно собрание дополнително ја вжештува внатрепартиската битка помеѓу поддржувачите на Таравари и тие на Села, кои се за самостоен настап на изборите.

Она што официјално е познато е дека за в сабота е закажана централното собрание. На дневен ред треба да биде досегашното работење на партискиот претседател Таравари, како и неговата најава за заеднички настап со партиите од албанскиот опозициски блок.

Со состанокот во сабота ќе раководи Села, кој е цврст на ставот дека партијата не треба да коалицира со Европскиот сојуз за промени, туку да настапи сама.

Дали и тој состанок ќе може да се одржи е под знак прашалник, бидејќи е реална можноста да не се обезбеди кворум за истиот да биде легитимен, оти според кажувањата на Таравари, 70% од членството ја поддржуваат неговата одлука за коалиција со Гаши, Меџити и Села.

Дека нешто не штима во Алијанса, се гледаше уште пред официјалниот став на Таравари за настап со Европскиот сојуз за промена, а откако првиот човек на партијата конечно пресече, случувањата кулуминираа.

Од преписки по социјалните мрежи, тепчки по кафани, куршум во дворот на Таравари, до кавги на владино ниво.

Вчера на владина седница на барање на кадровската комисија на Алијанса за Албанците беа разрешени директорите на  „Македонски пошти“ и на Агенцијата за странски инвестиции Бујаре Абази и Газменд Авдија и на нивно место се именувани кадри поддржувачи на Села. Се очекува Владата да побара Собранието да ги разреши и министрите за здравство и за информатичко општество Фатмир Меџити и Азир Алиу, откако тие јавно порачаа дека нема да поднесат оставки од функциите.

Падот на рејтингот на ДУИ, но и зголемувањето на популарноста на Европскито сојуз за промени, според анкетите, особено во ИЕ6, дополнително ќе влијае на расколот во Алијанса. Бидејќи разликата на партијата на Ахмети и колацијата на Меџити, Гаши и Касами е помала од 2 проценти. ДУИ имаат 17.9%, ЕСП 16% , а Алијанса 7%, што значи дека ДУИ без Алијанса дефинитвно ја губи власта, и затоа раскол и поделба во партијата предводена од Таравари оди само во прилог на Ахмети.

Мери Симоновска