Реклама
Економија

Лошите временски услови го десеткуваа родот кај овошките во Преспа, земјоделците се жалат дека никој од надлежните не ги посетил

„Оставени сме на милост и немилост од државата. Ниту некој дошол, ниту…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Оставени сме на милост и немилост од државата. Ниту некој дошол, ниту некој не’ посетил, ниту пак, некој не’ прашал дали нешто ни треба. А ни треба многу, оти годинава состојбата е катастрофална. Преспа е уништена“, ни се пожали Горан Дивјакоски, земјоделец од Преспа. Лошите временски услови си го земаат својот данок, десеткувајќи го родот на јаболката, крушите, црешите и другите овошки, карактеристични за ова поднабје.

Оваа година е катастрофа за овоштарите во Преспа. Од почетокот со самите мразеви, а после тоа – дождовите, па после фати град. Третираме некаде 8-9 пати, јас имам лично третирано, а овошните насади се оштетени некаде 70-80 насто, а никој не посветува внимание на земјделците, на овоштарите овде кај нас. Осигурителниве компании што требаше да го осигураат родот, откажаа од осигурување. Кај 90 насто овоштари, овошните насади се уништени“, вели Горан Дивјакоски.

И не е само лошата година проблем во моментов за препанските овоштари. Тие стравуваат дека и тоа малкуто што ќе успеат да го спасат, ќе нема каде да го пласираат, бидејќи откупните компании родот им го откупувале преевтино, а додека државата не пронашла алтернативни пазари, по губењето на оние традиционалните во Русија и Украина по избувнувањето на војната.

Реклама

Убавото јаболко се откупуваше по 9,5 денари од кг, а индустриското беше по 3 денари. А со 12 денари не можеш да ги покриеш ни основните потреби. Значи, не само минатата година, туку претходниве 5-6 години наназад, со нас е катастрофа. Сега, остануваат две работи, или да ги уништиме, да ги исечеме овошните насади или пак да се откажеме сосема, да ги оставиме на природата, што ќе биде, да биде“, дециден е Дивјакоски.

Дивјакоски тврди дека половина од преспанските овоштарници веќе се оставени и никој не ги обработува. А тој тренд, според него, земал се’ поголем замав. „Овоштарниците се’ уште ги работат само оние кои немаат никакви други приходи. Останатите или се откажуваат и се посветуваат на други дејности, или пак се иселуваат, бидејќи Преспа и онака е позната по гурбетчиството, а сега уште повеќе се празни“, – со жалење констатира Дивјакоски. Затоа, вели дека државата час поскоро требало да се разбуди од зимскиот сон и да им помогне, да ги обесштети, да ги стимулира да не се откажуваат од земјоделието, оти вели, за храната на нацијата се работи.

Каролина Дурло