Со модрици на лицето , претепаната Сара Ѓоргиевска влезе во судница, но судењето не започна. Одбраната бара сите обвинители од Охрид вклучително и обвинителот кој гони Стојанчо Арнаудовски како и судечкиот совет што суди, па дури и претседателот на судот да бидат изземени од случајот. Со оглед на тоа што за овие барања треба да се изјасни Вишото обвинителство од Охрид и Битолска апелација судењето е презакажано за први декември. Впечатливо во судницата беше отсуството на Корабоски. Во судницата беа присутни само родителите на Кристијан. Судијката Александра Поп Стефанија информираше дека тој се наоѓа во притворското одделение на судот. Според адвокатот на оштетената, барањата на одбраната се во насока на одолговлекување на судскиот процес и избегнување на одговорност на обвинетиот.
Сметам дека поради одолговлекување и избегнување на одговорноста, одбраната бара изземање. Корабоски не беше во судница, ни кажаа дека е во судот во притворското одделение, но тој мора да биде во судница како што се присутни сите, а не знам од кои причини не беше. Ние инсистиравме да биде присутна оштетената. Лично не го видов Корабоски, така сме известени.
Корабоски одговара за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство. Претепувањата на Ѓоргиевска се случи пред 12 дена. Мајката на 26 годишната Сара објави на Фејсбук дека ќерка и била претепана и фрлена на улица, падната во бесознание, а насилникот се јавувал кај татка си за да бара чаре како да се отараси од телото. Обвинителството во Охрид презема дејствија и прибира докази за евентуално проширување на истрагата и против таткото на Кристијан Корабоски. Првично за него беа одредени мерки, откако јавноста се крена на нозе и се сослуша оштетената, насилникот заврши во притвор.

