Министерот за правда Јетон Шасивари денеска одржа работна средба со известувачите на Венециската комисија, во рамките на постапката за добивање мислење за предложениот модел за организирање и полагање на правосудниот испит.
-На средбата присуствуваа претседателот и членовите на Комисијата за полагање на правосудниот испит, кои го презентираа и практично го демонстрираа начинот на организација и спроведување на испитот. Со тоа, претставниците на Венециската комисија имаа можност непосредно да се запознаат со предвидените постапки и практичната примена на предложениот модел. Министерот на средбата ја образложи уставната и законска основа на иницијативата, правната аргументација за предложениот модел, како и спроведениот консултативен процес со претставници на правните факултети, деканите и студентските организации, информира Министерството за правда.

Како што се наведува во соопштението, министерот Шасивари истакна дека основната цел на предложеното решение е обезбедување еднаков пристап до правосудниот испит за сите кандидати, без притоа да се доведат во прашање професионалните критериуми, квалитетот и интегритетот на испитот.
-Министерот Шасивари потенцира дека барањето мислење од Венециската комисија претставува иницијатива за добивање независна, објективна и стручна правна оценка, со цел да се обезбеди решение кое ќе биде уставно, правно одржливо и усогласено со европските стандарди. Министерството ја цени експертизата на Венециската комисија и останува отворено за нејзините препораки и предлози, уверено дека институционалниот дијалог и стручната правна анализа се најдобриот пат кон изнаоѓање одржливо решение. За нас ова не е прашање на политички натпревар, туку прашање на еднаквост пред законот, еднакви можности и доследно почитување на професионалните стандарди. Нашата определба останува јасна: правата да не останат само запишани принципи, туку да се преточат во конкретни, применливи и правно одржливи решенија, стои во соопштението од Министерството за правда.

