По целосна обработка на документацијата од страна на Државниот пазарен инспекторат, донесени се инспекциски мерки, решенија, со наредба до финансиските друштва, кои се обврзани да им вратат на потрошувачите незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари, со прецизни рокови за постапување од 30, 60 и 90 дена, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи во секое друштво – изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, на заедничка прес-конференција со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и портпаролката на Владата, Марија Митева.
Во врска со тоа како ќе се одвива враќањето на средствата на граѓаните што користеле кредити од финансиските друштва, Стојкоски појасни дека мерките се однесуваат на незаконската наплата на опомени и паушални надоместоци за доцнење со плаќањето на достасаните кредитни обврски.
Стојкоски информира дека во изминатите три месеци Инспекторатот спровел континуирани вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии за одобрување кредити на физички лица. Тој нагласи дека контролите не се однесуваат само на тековната 2026 година, туку го опфаќаат и периодот од 2023, 2024 и 2025 година.
– Финансиските друштва имаат наредба во рок од 30, 60 и 90 дена да постапат и да им ги вратат средствата на граѓаните. По истекот на роковите, ќе следуваат контролни надзори од страна на Државниот пазарен инспекторат – рече Стојкоски.
Контролите биле насочени кон примената на Законот за заштита на потрошувачите, особено во делот на договорите за потрошувачки кредити, наплатата на провизии и дополнителни трошоци, како и исполнувањето на обврските на финансиските друштва кон клиентите.
– Кај 18 субјекти констатирано е дека спроведуваат активности на нечесна трговска практика, односно во договорите за потрошувачки кредити се содржани нечесни трговски одредби. Изречени се соодветни мерки во согласност со законот и издадени се платни налози со вкупен износ од над три и пол милиони денари – рече Стојкоски.
Кај 12 финансиски друштва, додаде тој, било утврдено дека спротивно на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите им наплатувале на клиентите за доставени известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на достасаните обврски врз основа на кредити.
По донесените решенија, над 26.000 граѓани од целата држава треба да добијат поврат на незаконски наплатените средства.
При инспекциските надзори кај две финансиски друштва било утврдено и дека сметководствената евиденција не се води во согласност со Законот за трговските друштва и Законот за сметководството поради што дел од потребната документација не бил обезбеден во соодветната законска форма. За констатираната состојба билo известено Министерството за финансии за понатамошно постапување. Стојкоски појасни дека двата правни субјекти се поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури во државата.
Стојкоски ги повика финансиските друштва доследно да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат транспарентност во работењето, а граѓаните внимателно да ги анализираат условите пред склучување договор за потрошувачки кредит и да побараат појаснување за сите надоместоци, трошоци и обврски.
Тој најави дека ДПИ ќе продолжи со засилени и контролни инспекциски надзори за да се следи дали финансиските друштва ги спроведуваат издадените решенија и ги отстрануваат утврдените неправилности.
– Во таа насока, Инспекторатот упатува апел до сите финансиски друштва доследно да ги почитуваат законските прописи да обезбедат транспарентност во работењето и да ги исполнат обврските кон потрошувачите водејќи сметка за нивните права и економски интерес. Истовремено, ги охрабруваме граѓаните да соработуваат со институциите да пријавуваат неправилности, внимателно да се информираат пред склучување договори за потрошувачки кредити, детално да ги анализираат условите за користење финансиски услуги и да побараат, доколку им е потребно, појаснување за сите надоместоци, трошоци и обврски што произлегуваат од договорниот однос – рече Стојкоски.
Тој не прецизира кога ќе бидат објавени имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилности објаснувајќи дека во тек се последователни инспекциски надзори и поширока истрага.
– Кога би завршила истрагата, нема никаков проблем и да се објави, меѓутоа сега сè уште сме во тек на последователни инспекциски надзори. Не би сакал да ѝ наштетам на постапката затоа што еден погрешно насочен збор би претставувал проблем. Толку можам да изнесувам детали и ве молам за разбирање, со една цел – во интерес на граѓаните – рече Стојкоски.
Во однос на казните, тој појасни дека нивниот износ зависи од видот и бројот на прекршените одредби, при што се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка од финансиско друштво. Кај некои дел од друштвата биле утврдени прекршувања на повеќе одредби за кои се изречени соодветен број мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека профитот на ниедна компанија не смее да се гради врз финансиската немоќ на граѓаните и дека Владата се залага за праведен пазар на кој законите ќе важат за сите.
Тој потврди дека предмет на контролите биле нечесните и измамнички трговски практики, транспарентноста на условите за кредитирање и наплатата на дополнителни трошоци, паушали и провизии.
– Предмет на контролите беше почитувањето на Законот за заштита на потрошувачите, со посебен акцент на нечесните и измамнички трговски практики, транспарентноста на условите и кредитирањето и наплатата на дополнителни трошоци, паушали и провизии. Како резултат на утврдените неправилности, изречени се 18 инспекциски мерки, а глобите ќе стигнат и до 100.000 евра. Особено е важно да ги заштитиме граѓаните, кои поради својата финансиска состојба се принудени да користат вакви кредити. Нема да толерираме практики што се на штета на граѓаните – нагласи министерот.
Дурмиши ја поздрави работата на Државниот пазарен инспекторат и рече дека како министер дава целосна поддршка за професионално, неселективно и доследно спроведување на законите.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека проблемот со брзите кредити е едно од најгорливите прашања за многу семејства, особено кога треба да се покријат месечните сметки, потребите на домаќинството и ратите за кредитите.
– Кога со секоја опомена доаѓа нов трошок, притисокот врз тие семејства станува уште поголем – истакна Митева.
Таа посочи дека институциите работеле посветено на преземената обврска и дека само четири месеци подоцна веќе има конкретен резултат. Според неа, првпат Државниот пазарен инспекторат спровел надзор од ваков обем во секторот опфаќајќи ги сите 27 лиценцирани финансиски друштва.
Како особено важен резултат за Владата, Митева го посочи повратот на над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани во државата.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

