Општина Неготино реализира активности од проектот за подобри услуги и достапност на здравствена грижа на повозрасните лица и лицата од ранливи категории.
– Заедно со претставници на проектните партнери, здравствени институции, професори, доктори и здравствени работници, денеска на терен во Криволак се одржа настан посветен на грижата за здравјето и квалитетот на живот на повозрасните лица и лицата од ранливите категории во нашата општина. Станува збор за проектот „Elder-care“, што Општина Неготино го спроведува со цел за унапредување на здравствената и социјалната грижа во делот на пружање поефикасна поддршка за лицата кои се соочуваат со деменција, но и за нивните семејства – информираше градоначалничката Марија Нацева.
Во рамките на проектот, како што појасни, Општината работи на опремување на дневен центар за возрасни и ранливи категории на лица во Спортската сала „Младост“.
– Ќе се овозможи простор за физичка активност, терапевтски активности и подобрување на менталното здравје, а преку ангажирање на мобилен тим од четворица асистенти, овозможуваме достапност, здравствена поддршка да имаат и граѓаните во руралните средини, како што тоа денеска беше случај во Криволак – додаде неготинската градоначалничка.
Нацева истакна дека значајна компонента е и вклученоста на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино со предвидени инвестиции во медицински кабинет – центар за рехабилитација со медицинска опрема, амбулантно возило, преносен ултразвучен апарат и друга медицинска опрема. Со тоа, истакна градоначалничката, се зајакнуваат здравствените капацитети во општина Неготино.
– Како локална самоуправа продолжуваме да градиме заедница во која грижата не е само обврска на заедницата, туку заедничка вредност и одговорност за сите нас – потенцираше Нацева.

