На 25 ноември 2026 година, во Музејот на македонската борба во Скопје, во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), се одржа панел-дискусијата „Мајчинството – предизвик на XXI век“, посветена на значењето на мајчинството и предизвиците со кои се соочува жената во современото општество.
Настанот го отвори директорката на Комисијата, г-ѓа Оливера Трајковска, која во своето обраќање се осврна на мајчинството како света и благородна улога, но истовремено и голема одговорност, нагласувајќи ја потребата од општествена солидарност и меѓусебна поддршка на жените.
По повод почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против семејно насилство“, директорката упати силна порака за заедничка борба против насилството врз жените. Портокаловите цветови, кои симболично се носеа на настанот, беа посветени на сите жени што се жртви на насилство и кои немаат можност да проговорат.
„Ние треба да бидеме колективната прегратка со која ќе ги прегрнеме сите жени“, истакна директорката повикувајќи на создавање мрежа на солидарност, заштита и поддршка.
Во своето обраќање директорката ја најави и кампањата посветена на семејството, која Комисијата ќе ја почне во 2027 година.

Прв панел – „Општествено реализирани жени мајки“
Во првиот панел учествуваа професионалки и истакнати жени во јавниот и во општествениот живот: Рашела Мизрахи, Ивана Ѓорѓиевска, Александра Иванова и Мимоза Рајл, кои преку своите лични и професионални искуства говореа за предизвиците на мајчинството, општествениот ангажман и усогласувањето на семејниот и професионалниот живот.
Г-ѓа Ивана Ѓорѓиевска се осврна на предизвиците со кои се соочува жената која е активно вклучена во креирањето на локалните политики нагласувајќи ја важноста од воспоставување баланс помеѓу семејниот живот и одговорностите што ги носи јавната функција. Таа сподели и лични искуства за тоа како нејзините деца ги доживуваат нејзината политичка ангажираност, функцијата што ја извршува и одлуките што ги носи во рамките на своето општествено дејствување.
Г-ѓа Рашела Мизрахи ја нагласи разликата помеѓу почитта и толеранцијата упатувајќи порака за почит кон секого, но нулта толеранција кон насилството. Таа се осврна и на суштинската улога на мајката во градењето на иднината на една држава и во создавањето и развојот на нацијата.
Г-ѓа Александра Иванова преку своето лично искуство како мајка, претприемачка и носителка на јавна функција говореше за општествените очекувања, предизвиците во професионалниот развој и важноста од зачувување на сопствениот идентитет. Таа сподели и конкретни примери за создавање работна средина, која им овозможува на вработените жени да посветат повеќе време на себе и на своите семејства.
Своето излагање го заокружи со инспиративната порака: „Што и да бидете во животот, секогаш избирајте да бидете боја во сето сиво“.
Г-ѓа Мимоза Рајл, пак, се осврна на богатството на македонската црковна уметност издвојувајќи ја безвременската фреска „Оплакување на Христос“ во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези. Преку исклучителниот приказ на мајчинската болка на Богородица, исполнет со длабоки човечки емоции, таа го истакна универзалното и безвременско значење на мајчинската љубов, изразено и преку средновековното уметничко наследство.

Втор панел – „Мајчинството преку призмата на верата“
Во рамките на вториот панел свои излагања имаа етаблирани претставнички на верските заедници во нашата држава, и тоа: Анета Јовковска, Нада Андреева, Вилдане Калоши и Барбара Вуковиќ, кои го претставија мајчинството низ духовните, религиските и етичките вредности на верските заедници.
Г-ѓа Вилдане Калоши, повикувајќи се на цитати од Куранот, го истакна високото достоинство на мајката во исламот, како и значењето на почитта, благодарноста и грижата кон неа.
Особено впечатливо лично сведоштво сподели Барбара Вуковиќ, претставничка на Католичката црква и мајка на единаесет деца, која преку сопственото животно искуство говореше за мајчинството, верата и семејството.
Настанот помина во позитивна и срдечна атмосфера, исполнета со искрени сведоштва, инспиративни пораки, меѓусебно разбирање и почит.
Комисијата изразува благодарност до сите учеснички, претставниците на верските заедници, Националната установа Музеј на македонската борба и сите присутни, кои придонесоа за успешната реализација на овој настан.
Почитта кон мајката не треба да биде само израз на благодарност, туку секојдневна општествена одговорност. Да го почитуваме мајчинството, значи да го почитуваме животот, да го заштитуваме достоинството на жената и да ја градиме иднината врз темелите на љубовта, солидарноста и човечноста.

