Во Охрид се одржа мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство. Граѓанските активисти од „Охрид не молчи“ посочуваат дека целта е да се испрати јасна порака дека повеќе нема да се молчи пред сè поприсутното насилство врз жените во нашата држава.
Додаваат дека за една година се случиле седум фемициди, седум жени чии животи беа одземени како последица на родово засновано насилство.
Тргнаа од градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, а протестната поворка продолжи до СВР Охрид, каде беше упатена порака за навремено постапување и сериозно третирање на пријавите за насилство од страна на сите жени. Потоа продолжија до Основното јавно обвинителство, од каде побараа темелна истрага, непристрасно судење и еднаквост пред законот за сите случаи на семејно насилство.

