Десет месеци по трагедијата во која при пад во лифтовско окно загина 28-годишниот охриѓанец Кристијан Љушев, ОЈО поднесе обвинение против две физички и две правни лица. Несреќата била последица на сериозни пропусти во обезбедувањето на градилиштето, но и непочитување на правилата за безбедност при работа.
„ОЈО Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа. Првообвинетиот, како инвеститор, градел зграда, но иако објектот сè уште бил во градба, не презел заштитни мерки. Лифтовското окно не го заштитил со заштитна ограда, градилиштето не го одржувал во уредна состојба, влезот во зградата не го обезбедил за да не влегуваат неовластени лица, а на скалите не поставил огради за да се спречат несакани падови“, велат од Основното јавно обвинителство.
На четвртиот кат од зградата, на 12 јануари, Кристијан се сопнал од оставена кофа, изгубил рамнотежа и паднал низ отворот за лифт, сè до подрумските простории. Починал на самото место. Обвинителството бара одговорност и од фирмата што го ангажирала. Кристијан работел без договор и без да биде пријавен, без обука за безбедност при работа и без здравствен преглед. Работните задачи ги добивал усно, иако работел во објект со сериозен ризик по неговата безбедност.
Неколку дена пред трагедијата, таткото на Кристијан лично се уверил во небезбедните услови во зградата и го предупредил синот да внимава.
„Јас се качив, влегов слободно во таа зграда, во тој влез до вториот кат некаде. На скалите му го дадов новчаникот и прво што забележав, со мојава возраст и некое искуство во животот, е дека има отвори во зградата, дупки на лифтовите, ограда нема. Прво мене ме фати страв и веднаш му реков на син ми: „Пазете, ова е страшно“. Очекувам правда за детето. Детето никој не може да ми го врати назад, но очекувам правда, да се знае дека некој одговарал“, вели таткото на Кристијан, Валентин Љушев.
Кристијан првенствено бил фотограф, со светла иднина пред себе. Еден млад живот згасна прерано, на начин што не смее да се повтори. Ова е опомена дека негрижата, пропустите и неодговорноста чинат човечки животи, велат неговите најблиски.
Јавниот обвинител побарал и од Основниот суд во Охрид да им забрани на двете фирми да прават промени во сопственоста и да го отуѓуваат имотот додека трае постапката.

