Децата од градинката „Пеперутка 3“ во Драчево денеска учествуваа во едукативни и интерактивни активности во рамки на кампањата „Мал еко херој“ на „Нула Отпад“, преку кои учеа за правилното селектирање и рециклирање на отпадот, особено на старите батерии и електронските уреди.
Преку анимирани приказни, песни и едукативни игри, заедно со тимот на „Нула Отпад“ и роботчето Нула, најмладите се запознаа со значењето на правилното постапување со електронскиот отпад и неговото влијание врз заштитата на водата, почвата и животната средина.

Децата практично го покажаа стекнатото знаење преку игри за селекција на отпад, а воедно положија и еко-заклетва дека ќе се грижат за природата. На крајот од активностите секое дете доби диплома „Мал еко херој“, додека градинката доби признание „Градинка-пријател на природата“.
Во активностите се вклучи и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, која истакна дека ваквите иницијативи се важни за развивање на еколошката свест кај децата уште од најрана возраст.

-Како локална самоуправа, во Општина Кисела Вода, постојано работиме на подигнување на еколошката свест кај сите генерации и создаваме услови граѓаните полесно да селектираат. Во таа насока, токму пред оваа, но и пред сите останати детски градинки и основни училишта на територијата на општината, како и пред месните заедници, веќе имаме поставено специјални контејнери за текстилен отпад. Особено ме радува што граѓаните ја препознаа оваа иницијатива и активно се вклучија, па за само една година од сите локации во општината се собрани над 10 тони текстилен отпад. Продолжуваме со вакви проекти, бидејќи чистата животна средина е наша заедничка одговорност – изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

