Кога зборуваме за иднината, зборуваме за образование и за реформи. За да ги подготвиме младите за работа и живот во услови на брзи технолошки промени и сложени глобални предизвици, неопходен ни е функционален образовен систем што создава знаења и компетенции. Затоа Министерството за образование и наука работи на реформи во сите образовни сегменти. Младите треба да стекнуваат квалитетни и применливи знаења, но исто толку е важно да развиваат креативност, иновативност и критичко размислување, како и емпатија, етички принципи и социјални компетенции – рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на FutureX Summit 2026, со наслов „Како да се снаоѓаме во иднини што не можеме да ги предвидиме?“, што го организира Институтот за комуникациски студии.
Во фокусот на самитот се компетенциите за иднината и подготвеноста за неизвесност, улогата на образованието во свет што бргу се менува, кариерниот развој и иднината на работата.
– Нашата визија за образование отворено кон иднината почнува од основните училишта. Воведуваме едносменска и целодневна настава со цел децата да добијат повеќе време за истражување и практични активности. Сегашните основци се тие што во наредните децении ќе носат професионални, економски, научни и општествени одлуки. За да ги подготвиме, од најрана возраст треба да развиваат вештини на поставување прашања, поврзување информации, препознавање разни можни решенија. Во дополнителното време во училиште, преку истражувачки, проектни, практични, спортски и креативни активности, учениците ќе може да експериментираат, да работат тимски, да решаваат проблеми и да ги применуваат своите идеи во пракса – истакна Јаневска.
Во средното стручно образование, особено преку дуалниот модел, посочи министерката, ја поврзуваме училницата со реална работна средина. Таа рече дека партнерството меѓу училиштата, работодавачите и локалните самоуправи придонесува за брзо усогласување на наставните програми со барањата на компаниите за стручен и обучен кадар, но и со предизвиците на зелената и дигиталната транзиција.

– Конкретно, од оваа учебна година над 10.800 ученици во прва година средно стручно образование учат според модернизирани наставни програми, кои ги вклучуваат СТЕМ-компетенциите, зелените и дигиталните вештини, во сите струки. Обука поминаа 569 наставници, а ја зајакнавме и соработката со приватниот сектор. Овие ученици ќе развијат практични и преносливи вештини со кои полесно ќе може да се приспособат на новите технологии. Со нов закон го продолжуваме дуалниот концепт и во високото образование. Ја интегрираме академската настава со практична обука во компанија. Со тоа студентите добиваат можност да стекнат знаења и професионални вештини, кои ги тестираат, усовршуваат и продлабочуваат во реални работни услови – истакна Јаневска.
Нагласи дека паралелно со тоа создаваат услови универзитетите и студентите да станат активни учесници во Европскиот простор за истражување и иновации преку зајакнување на научноистражувачката дејност, учество во европски програми и меѓународни академски партнерства, како и преку соработка меѓу универзитетите, научните институции и деловниот сектор, што е од суштинско значење за градење општество подготвено за иднината.
– Учењето не завршува со дипломата. Промените во професиите и работните процеси значат дека знаењата што се стекнуваат во еден период од животот веројатно нема да бидат доволни за следниот. Затоа има обуки, усовршување и преквалификација, со што работниците добиваат нови вештини и може да останат конкурентни на пазарот на труд. Верувам дека овој самит е добра можност заеднички да ги разгледаме предизвиците и да отвориме простор за идеи што ќе бидат преточени во конкретни решенија – додаде Јаневска.
Директорката на Институтот за комуникациски студии, доктор Жанета Трајкоска, која е и раководителка на катедрата на Институтот за писменост за иднината и медиумска писменост, рече дека самитот е завршен настан на „Еразмус плус“, проектот „Фјучерлит“, но за нив тоа е продолжување на идејата и на активностите што ги почнале многу порано и што ги спроведувале преку нашата УНЕСКО-катедра за писменост на иднината и за медиумска писменост. Катедрата, посочи, ја основавме во 2022 година со помош на УНЕСКО кога во рамките на Институтот за комуникациски студии решивме дека писменоста на иднинaтa како нов тренд или фјучер-литерси е природно надополнување на нивната долгогодишна работа за објаснување, имплементација на медиумската и на информациската писменост на сите нивоа во образованието, но и на сите животни доба.

– Затоа и го создадовме проектот „Фјучерлид“ за кој, за среќа, добивме финансирање од програмата „Еразмус“ преку нашата Македонска национална агенција за европски образовни програми и мобилност, за што исто така им благодариме бидејќи без нивното финансирање немаше овој проект и оваа програма да бидат реални и да се реализираат. „Фјучерлит“ од самиот почеток беше замислен како заеднички потфат на партнерите од нашите три држави – од Македонија, од Словенија и од Австрија, кои сами по себе како универзитети, високообразовни научни институции, носиме разни дисциплини. Во проектот се обидовме да ги поврземе образованието, комуникациите, медиумската и информациската писменост, технологијата, економијата, финансиите, иновациите и лидерството – рече Трајкоска.
Таа посочи дека не е доволно само да знаеме повеќе, да ја провериме информацијата што е пред нас, потребно е да научиме и како да размислуваме за иднината и да ги препознаеме сопствените недостатоци и сопствените предизвици, но и претпоставки за иднината, како да замислиме повеќе опции и како неизвесноста да не ја доживуваме како закана, туку да ја доживуваме како дел од еден природен животен процес, меѓутоа и дел во кој мора да донесеме одлуки.
– Затоа преку овој проект, едноставно, се обидовме да ги поврземе медиумската писменост со податочната и финансиската писменост и лидерството и стратешкото размислување. Преку самитот ги претпоставуваме и ги претставуваме првите наоди, првите резултати од нашите студенти, односно нашите учесници на Фјучерлит академијата и затоа ќе слушнете денеска разни перспективи од страна на образованието, од вештачката интелигенција, бизнисот, организациските промени и професионалниот развој – додаде Трајкоска.
Деканката на Факултетот за менаџмент при Универзитетот на Приморска во Словенија, проф. д-р Татјана Хорват, рече дека централното прашање на денешниот собир нè соочува со еден фундаментален парадокс на современото управување и образование,. односно како компентенциите подготвени за иднината, односно Future Ready, може да ни помогнат да донесуваме подобри одлуки денес кога иднината не може целосно да се предвиди.

– На нашиот факултет се соочуваме со ова прашање секој ден и работиме на него. Долго време традиоционалните системи за управување и образование се потпираа на претпоставката за стабилност и линеарност на верувањето дека иднината може прецизно да се испланира само доколку собереме доволно податоци за минатото. Сепак, денешната социјална, технолошка и економска средина бара поинаков пристап. Наместо само да се обидуваме да ја предвидиме иднината, мора да ја негуваме писменоста за иднината, тоа значи развивање способности критички да ги преиспитаме сопствените претпоставки, да ја разбираме сложеноста и да останеме отворени за можностите што можеби не сме во можност дури ни да ги менуваме. Поради оваа причина, Факултетот за менаџмент презеде активна улога во проектот „Фјучерлит“ со силно чувство на одговорност и академска ентузијазам – рече проф. д-р Хорват.
Додаде дека со партнерите од Скопје, Грац и Копар се стремат да создадат средина за учење што потикнува стратешко размислување, дигитална одговорност и отпорност.
Експертката за писменост за иднината од Универзитетот „Ханзе“ во Холандија, Рамила Кафаџи Заде, говореше за тоа како размислувањето за разни можни иднини може да помогне во донесувањето одлуки во сегашноста. Во рамките на самитот се одржа панел-дискусијата FutureX дијалог, посветена на образованието, кариерата и иновациите, а беа претставени и проекти на студенти од земјата, Словенија и Австрија, развиени во рамките на Академијата за подготвеност за иднината.

