Заштитата на правата на заедниците, меѓуетничката кохезија и доследното спроведување на Охридскиот рамковен договор се суштински елементи на процесот на евроинтеграција, било истакнато на средбата меѓу првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали и високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кристоф Камп.
Како што соопшти Кабинетот на министерот за европски прашања, на средбата било разговарано за правата на заедниците, меѓуетничките односи и реформите поврзани со пристапувањето кон Европската Унија.
Сали ја нагласил важноста на поддршката што ОБСЕ ја обезбедува во зајакнувањето на владеењето на правото, демократското управување и општествената кохезија, како и во унапредувањето на конструктивните меѓуетнички односи.
Соговорниците оцениле дека Охридскиот рамковен договор останува темел на демократското, инклузивно и мултиетничко општество засновано врз еднакви права и взаемна почит, при што биле разгледани и наодите од Извештајот на Европската комисија за 2026 година.
На средбата било разговарано и за употребата на јазиците, правичната застапеност во јавната администрација, борбата против дискриминацијата и говорот на омраза, инклузијата на Ромите, еднаквиот пристап до образование и заштитата на ранливите категории граѓани.
Сали истакнал дека правата на припадниците на заедниците се значаен дел од пристапните процеси кон Европската Унија, особено во рамки на поглавјата 23 и 24 и реформите предвидени во патоказот за владеење на правото.
Соговорниците ја потврдиле определбата за продолжување на соработката со ОБСЕ во насока на создавање поинклузивни институции и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните.

