Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Скопје се обратил на конференцијата „Безбедноста во Западен Балкан“, организирана од германскиот институт „Аспен“ (Aspen Institute Germany), во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
– Нагласив дека во услови на длабоки геополитички промени безбедноста на Западен Балкан е неразделно поврзана со безбедноста и стабилноста на Европа – стои во објавата на Муцунски на неговата фејсбук-страница.

Муцунски ја истакнал нашата јасна стратешка ориентација: членството во НАТО, стопроцентната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и цврста определба за полноправно членство во ЕУ.
– Потенцирав дека проширувањето на Европската Унија е геополитичко обединување на Европа и стратешка инвестиција во постабилен и побезбеден континент – наведува Муцунски.

Министерот посочил дека Западен Балкан треба сè повеќе да се препознава како регион што придонесува кон колективната отпорност и европската безбедност.
– За тоа се потребни политичка одговорност, посилна регионална соработка и свест дека безбедноста на една држава не може да се одвои од безбедноста на нејзините соседи – додава Муцунски во објавата.

