Хорор случајот во Охрид предизвика остри реакции и од политичките партии. Итно расчистување на случајот, соодветна казна за сторителот, но и за оние кои наводно се обиделе да го заташкаат случајот во кој младата Сара беше претепана и фрлена на улица од страна на нејзиното пијано момче.
Тешките вести од Македонија стигнаа и до првиот човек на Владата кој е во работна посета во Брисел. Со жестока осуда кон дивјаштвото, Мицкоски порача дека нема да има толеранција за насилството, а одговорните ќе бидат изведени пред правдата.
„Воедно, како човек, како родител, како татко, како брат и сопруг, сакам да изразам поддршка до семејството на девојката и да ветам дека сè ќе сториме како институција и јас како претседател на Владата, лицето коешто го сторило овој ужасен напад да биде изведено пред лицето на правдата.“ – вели Христијан Мицкоски.
ВМРО – ДПМНЕ застанува зад Сара и нејзиното семејство. Од таму реагира на пеавичната одлука насилникот да биде пуштен на слобода со мерки на претпазливост, оценувајќи го овој потег како скандалозен. Од партијата посочија дека никој не е над законот и дека сите институции мора да постапат решително.
„Доколку постојат индиции дека кој било, дури и од Обвинителството, се обидува да го заташка случајот или на незаконски начин да влијае врз постапката, мора веднаш да биде изведен пред лицето на правдата. Институциите не смеат да имаат милост кон насилниците!“ – наведуваат во соопштението ВМРО – ДПМНЕ.
Лидерот на опозициската СДСМ на социјалните мрежи напиша дека е згрозен и потресен од случајот. Семејството на Сара ја има неговата целосна поддршка.
„Изразувам целосна поддршка за Сара и за нејзиното семејство. Оваа млада девојка заслужува сигурност, заштита и мирно закрепнување. Барам одговорност за секој што извршил, помогнал или го прикривал насилство.“ – пишува во својата објава Филипче.
Реагираа и од владата. Портпаролката Марија Митева го повика Јавното обвинителство да постапи итно, без одолговлекување со цел случајот целосно да се расчисти и правдата да биде задоволена.
„Остро и недвосмислено го осудувам насилството врз младата девојка во Охрид. Насилството е недозволиво, нема оправдување, ниту смее да има премолчување или релативизирање!“ – вели Марија Митева.
Со остра реакција се огласи и претседателката на ЛДП Моника Зајкова барајќи осомничениот да одговара за обид за убиство.

