Повеќе простор за културата во градот, Младинскиот културен центар полека се враќа онаму каде што му е местото. Новиот директор на МКЦ, Димче Арсовски, најави напорна агенда за 2027 и 2028 година. На прес-конференцијата за 51-то издание на Млад отворен театар, Арсовски најави дека работата е веќе започната, а се планираат многу проекти.
„Дел по дел почнавме да враќаме од она кое што треба да биде МКЦ. Веќе е отворен сајтот билети.мкц.мк каде што ќе можат сите заинтересирани за овој фестивал да ги купуваат своите билети, сите посетители кои што очекувам и верувам дека ќе бидат во сериозна бројка и ќе дадат поддршка на еден начин сите заедно да го вратиме МКЦ на старите патеки“, изјави Димче Арсовски, директор на МКЦ.
Новиот директор истакна дека овогодишното издание на МОТ е целосно посветено на жените, односно сите претстави се во режија на жени. Тој вели дека овој аспект е особено важен поради целокупната ситуација во Македонија, при што јавноста треба повеќе да се заинтересира за она што им се случува на жените. МОТ се отвора на 18 ноември со словенечката претстава „Кратки приказни“ на театарот Антон Подбевшек, во режија на Сања Нешковиќ-Першин, а фестивалот ќе се затвори со два танцови перформанса на 24 ноември.

