Русија ќе ја провери точноста на извештаите за намерата на Естонија да ги затвори сите гранични премини меѓу двете земји, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа додаде дека, доколку Естонија навистина планира да ги затвори сите премини, таквата одлука би претставувала уште еден израз на агресивна русофобија.
Естонија најави затворање на сите гранични премини со Русија, почнувајќи од 1 декември. Ова следува по обвинувањата дека руската воена разузнавачка служба ГРУ организирала обид за саботажа во естонска компанија која произведува извидувачки и борбени беспилотни летала со голем дострел.
Осум лица беа уапсени откако во саботата наутро се обиделе да упаднат во објектот на компанијата, со намера да го запалат и да предизвикаат експлозија, пренесува „Политико“. Службениците за обезбедување го спречиле нападот пред да настане поголема штета.
Естонската служба за внатрешна безбедност соопшти дека доказите собрани за време на истрагата укажуваат оти нападот бил нарачан од руската воена разузнавачка служба ГРУ.

