– Премиерот Христијан Мицкоски очекува успешно завршување на процесот за изнаоѓање нов сопственик на Алта банка и продолжување на нејзиното функционирање оценувајќи дека тврдењата на опозицискиот СДСМ за нејзино пропаѓање се невистинити. Во однос на тврдењата дека постои неизвесност и за тоа дали банката располага со готовина, тој ги повика граѓаните да проверат во филијалите дали може да ги подигнат средствата што им припаѓаат.
Одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ дека Алта банка ќе пропадне, како и за нивните тврдења дека се доведува во прашање расположливоста на готовина во банката, Мицкоски по пуштањето во употреба на детската градинка „Лавче“ во Инџиково во општина Гази Баба, рече дека граѓаните треба внимателно да ги разгледуваат пораките што доаѓаат од опозициската партија бидејќи, според него, досегашното искуство покажало дека тие не се точни.
– Да, можеби треба да внимаваме на сите оние пораки што доаѓаат од опозицискиот СДСМ бидејќи искуството досега вели дека, без исклучок, сè е невистина. Тргнете од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па сè до овој случај на Алта банка – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека СДСМ се обидува да ги пренесе сопствените стравувања врз граѓаните користејќи, како што рече, негативни сценарија и хорор-соништа.
– Јас сум свесен дека кај нив Фројд работи дури и додека сонуваат и се обидуваат овие хорор-соништа, кои ги сонуваат, да ги пренесат на граѓаните. Но имам чувство, честопати се повикувам на моите чувства, дека нивниот сон нема да биде реалност, односно јаве, и дека она што го работиме и она што го разработивме изминатиот период ќе резултира со нов сопственик на Стопанска банка – Битола и дека сè ќе биде онака како што треба – рече премиерот.
Како доказ дека процесот се движи во посакуваната насока, Мицкоски го посочи континуираното укинување на мерките што биле воведени на почетокот на постапката.
Во однос на прашањето дали во Алта банка има доволно готовина за исплата на клиентите, Мицкоски рече дека не може лично да даде одговор бидејќи нема сметка во таа банка. Наместо тоа, ги повика новинарите и граѓаните да се обратат во некоја од филијалите и директно да ги прашаат клиентите што ги подигнуваат своите средства.
– И дали имало кеш или нема кеш, јас ве повикувам да појдете во некоја од филијалите, да ги прашате граѓаните што одат таму и кои го подигнуваат она што им припаѓа, да ги прашате нив дали има кеш или нема кеш. Јас не можам да одговорам бидејќи немам сметка во Стопанска банка – Битола – изјави Мицкоски.

