Општина Илинден и во 2026 година ја продолжува традицијата на поддршка и наградување на успешните спортисти кои живеат на нејзина територија, преку доделување еднократна финансиска помош за постигнати значајни спортски резултати. Решенијата за финансиска поддршка ги врачи градоначалникот Александар Георгиевски, кој истакна дека Општината останува посветена на развојот на спортот, препознавањето на спортските таленти и создавањето подобри услови за постигнување нови успеси, информираат од локалната самоуправа.
Како што посочуваат, целта на оваа мерка е да се вреднуваат трудот, посветеноста и постигнатите резултати на спортистите, но и дополнително да се мотивираат младите генерации активно да се занимаваат со спорт.
-Годинава финансиската поддршка е зголемена, а средствата се распределуваат во пет категории. За првата категорија до 150.000 денари, за втората до 130.000 денари, за третата до 100.000 денари, за четвртата до 80.000 денари и за петтата до 40.000 денари. Покрај поддршката за индивидуалните спортисти, Општина Илинден продолжува со финансиска поддршка на спортските клубови преку Програмата за спорт и млади, како и со инвестиции во подобрување и модернизација на спортската инфраструктура- посочуваат од Општината.
Нагласуваат дека со континуирана поддршка на спортистите, спортските клубови и спортските манифестации, Општина Илинден продолжува да создава услови за развој на спортот и поттикнување здрави животни навики кај сите генерации.

