Продлабочувањето на соработката и обезбедувањето германска експертска поддршка за спроведување на реформите во правосудството биле во фокусот на средбата што министерот за правда Јетон Шасивари ја остварил во Берлин со раководителот на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), Кристијан Џонсон.
Како што соопшти Министерството за правда, на средбата било разговарано за размена на искуства и можностите за поддршка на реформските процеси во правосудниот систем, со цел негово понатамошно усогласување со европските стандарди.
Било истакнато дека ИРЗ е значаен партнер во процесите на модернизација на правните системи, при што посебен акцент бил ставен на користењето на германската експертиза за подобрување на ефикасноста, независноста и функционалноста на правосудните институции.
Во рамки на работната посета на Берлин, Шасивари остварил средби и со претставници на германскиот Бундестаг, меѓу кои и пратеникот Милер, на кои биле разменети мислења за реформските приоритети и можностите за понатамошно зајакнување на билатералната соработка.
Од Министерството посочуваат дека посетата е дел од активностите за проширување на меѓународната соработка и обезбедување стручна поддршка за реформите во правосудството.

