Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски очекува следниот месец жичницата на Водно повторно да биде ставена во функција.
– Жичницата е едно од омилените скопски доживувања. Таа нѐ носи поблиску до природата и до глетката што секогаш нѐ потсетува колку е убав нашиот град. Но, при увид, беа констатирани сериозни недостатоци, последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од страна на претходните раководства. Беше потребен обемен и темелен зафат, запоставен речиси една деценија. Затоа жичницата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сѐ. Тука нема компромис. Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција; за безбедно возење, сигурна работа и спокојство за секој посетител – изјавил Ѓорѓиевски при денешниот увид.
Ѓорѓиевски истакнал дека во тек се зафатите за обнова на жичницата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот којшто е испратен на репарирање надвор од државава.
– Очекуваме за многу кратко време, веќе следниот месец, по завршувањето на работите и неопходните безбедносни проверки, жичницата повторно да ги пречека скопјани и гостите на нашиот град. Го обновуваме она што со години било запоставувано – изјавил Ѓорѓиевски.

