Уставниот суд од 12 до 14 ноември во Охрид ќе биде домаќин на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (BCCF), на кој ќе учествуваат претседатели и судии на уставни судови, претставници на меѓународни организации и истакнати правни експерти.
Во рамки на состанокот, на 13 ноември ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, посветена на довербата на граѓаните во уставното судство, предизвиците на дигиталната ера и обезбедувањето ефективна уставна заштита, соопшти Уставниот суд.
Свеченото отворање ќе започне со прикажување документарен филм посветен на 62-годишното постоење на Уставниот суд. Предвидени се обраќања на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за правда, Јетон Шасивари, како и на Кристиан Делиорга, судија на Уставниот суд на Романија и претставник на Асоцијацијата на уставни судови што користат француски јазик. Видеообраќање ќе има и амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Воведното стручно обраќање ќе го одржи претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер, на тема „Значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови“, при што ќе се осврне на размената на искуства и судската практика во справувањето со заедничките предизвици.
Работниот дел ќе се одвива низ три тематски сесии. Првата, посветена на прашањето „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, ќе ја модерира судијката на Европскиот суд за човекови права, Садет Јуксел. Во неа ќе учествуваат уставни судии и претседатели на уставни судови од Албанија, Бугарија, Косово и Египет.
Втората сесија, која ќе продолжи со разгледување на прашањата за довербата во уставното судство, ќе ја модерира Мартин Кујер, судија на Врховниот суд на Холандија и член на Венецијанската комисија. Меѓу учесниците ќе бидат претседателката на Уставниот суд на Црна Гора, Снежана Арменко, претседателот на Уставниот суд на Турција, Кадир Озкаја, судијката на македонскиот Уставен суд Ана Павловска-Данева и потпретседателката на Венецијанската комисија, Рената Дескоска.
Третата сесија ќе биде посветена на довербата во уставните судови во дигиталната ера, со посебен осврт на новите технологии, нивното влијание врз правосудството и предизвиците во заштитата на уставните права. Сесијата ќе ја модерира Рената Дескоска, а ќе учествуваат правни експерти и судии од Босна и Херцеговина, Африка, Холандија и Македонија.
Конференцијата ќе заврши со обраќање на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Во пресрет на годишниот состанок, денеска во Уставниот суд ќе се одржи и билатерална средба со висока делегација на Врховниот уставен суд на Египет, предводена од неговиот претседател Булос Фахми Искандар. На средбата ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка, размена на искуства и уставносудски практики, како и за предизвиците во заштитата на уставноста, човековите права и владеењето на правото.
Еден од значајните аспекти на годишниот состанок ќе биде и иницијативата за усвојување на Охридска декларација, која треба да послужи како основа за понатамошно унапредување на регионалната соработка. Ќе се одржи и состанок на Одборот на членови на Форумот, на кој ќе се разгледуваат прашања за неговото функционирање и претседавањето.
Форумот на балканските уставни судови е платформа за соработка, професионален дијалог и размена на искуства меѓу уставните судови во регионот. Негови членки се уставните судови на Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Турција, додека како набљудувачи учествуваат институции од Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Грција.
По годишните состаноци во Софија во 2023, Приштина во 2024 и Анталија во 2025 година, Охрид годинава ќе биде четвртиот домаќин на Форумот.

