Мобилни камери ќе се поставуваат и на сообраќајните црни точки, а системот „Безбеден град“ треба да биде проширен на целата територија на државата до февруари – најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција.
– Постојните полициски возила ќе бидат опремени со камери што ќе може да ја мерат брзината на другите возила и да детектираат прекршоци додека се во движење. Министерството за внатрешни работи планира и набавка на дополнителни мобилни камери, кои ќе се поставуваат на критичните сообраќајни точки – рече Тошковски.
Полициските возила опремени со камери за детектирање на брзината на движење на другите возила, додаде тој, се очекува да бидат функционални најдоцна до февруари в година, а нивното тестирање ќе почне во текот на наредниот месец.
Тој посочи дека во почетната фаза возилата ќе бидат тестирани во однос на нивната примена, а граѓаните навремено ќе бидат информирани за официјалното почнување на нивната употреба, како и за проширувањето на системот „Безбеден град“ во другите градови.
Тошковски нагласи дека анализите покажале оти поставувањето камери само на однапред утврдени локации нема да обезбеди доволен превентивен ефект бидејќи возачите, по поминувањето на локацијата на која се поставени радарските камери, повторно забрзуваат и продолжуваат да ги прекршуваат сообраќајните правила.
– Поради тоа, според сите оние анализи што ги вршевме, констатиравме дека колку и да поставиме камери на конкретни локации, нема да може да дејствуваме соодветно превентивно до степен на кој сакаме да влијаеме. Се до моментот додека секој еден кој што управува возило несоодветно не е сигурен на која точна локација може да биде детектиран заради тоа што го крши законот. Предлогот кој што го добивме од експертите е во рамки на постоечките возила кои што ги имаме да инсталираме камери кои што ќе може да ја детектираат брзината, а тие може да се постават од каде било, може во движење да констатираат управување со недозволена брзина од страна на учесници во сообраќајот – рече Тошковски.
Тој најави дека ќе се набават и мобилни камери што ќе се поставуваат на одредени црни точки, каде што има најмногу проблеми со сообраќајни несреќи со смртни последици и тешко телесно повредени лица.
Тошковски информира дека интензивно се работи на утврдување на сите црни точки во државата, не само во централните градски подрачја туку и на магистралните и експресните патишта.
Во однос на проширувањето на системот „Безбеден град“, министерот најави дека неговата примена на територијата на СВР Струмица треба официјално да почне во првата недела од декември. Следно е СВР Штип, каде што се очекува активностите да бидат завршени до крајот на годината, а потоа и СВР Битола.
– Така што, заклучно со февруари, за една година, мислам дека од почнување, ќе ја затвориме целата држава – рече Тошковски.
Осврнувајќи се на критиките за проектот, тој ги повика граѓаните да имаат предвид дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи загинале повеќе од 2.000 луѓе.
– Секој од оние што критикуваат во насока на тоа дека имало премногу камери, не знам – се правело ова, се правело она, би го замолил, пред да ја пише критиката поврзана со „Безбеден град“, само нека ја запамети бројката од 2.000 луѓе што загинале во последните 15 години – рече Тошковски.
Во врска со финансиските ефекти од наплатата на казните, министерот информира дека годишниот прилив во државниот буџет се очекува да изнесува речиси десет милиони евра. Од таа сума, како што појасни, точно 25 проценти се наменети за буџетот на Министерството за внатрешни работи и повторно ќе се инвестираат во активности поврзани со имплементацијата и унапредувањето на безбедноста.
Тошковски нагласи дека наведените финансиски показатели сè уште не се конечни бидејќи годината не е завршена и станува збор за очекувања врз основа на досегашната динамика на приливите.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

