Реклама

Министри, директори, па дури и попови – Бог простува, ама „Сејф Сити“ не: системот се шири во Битола, Струмица и Штип

Пекол на „Тракија“: 12 жртви и 48 повредени во двата масовни верижни судири во Бугарија

Економијата расте, инфлацијата се стабилизира: Стопанствениците очекуваат ваквата динамика да продлжи

Алта банка дефинитивно ќе се продаде и спаси, дури 6 банки и финансиски институции заинтересирани да ја преземат

Кравите „господарат“ со Крива Паланка: Градоначалникот немоќен и без решение за „инвазијата“ крави по градските улици

УГД ги суспендираше двајцата вработени осомничени за манипулации со студентските досиеја

АХВ прифати дел од барањата на ветеринарите

Фабриката „АСП – ПАК“ отвори нов погон во Охрид со целосно роботизирана производна линија.

Ќе и се суди во отсуство: Кочанскиот суд одби да прави циркуз од судењето на „медиумската ѕвезда“ Ива Михаилова

Инфлацијата во рамки на проекциите, во октомври 3,3%

Бензините поевтинуваат за 7 денари, дизелот за 5,5 денари за литар

Мицкоски:„Алта банка Битола“ нема да оди во стечај, наскоро ќе има аукција

Македонија

Свечено отворена музејска поставка по повод 30-годишнината од упокојувањето на архиепископот Гаврил 

Со панихида предводена од Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски и на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со панихида предводена од Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, во сослужение со претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, денеска, пред вечното почивалиште на блаженоупокоениот архиепископ охридски и македонски Гаврил во манастирскиот храм „Свети Наум Охридски“ во населбата Радишани, свечено беше отворена музејска поставка по повод одбележувањето на 30-годишнината од неговото упокојување (1996 – 2026).

​Во своето свечено обраќање, архиепископот г.г. Стефан истакна дека пред 30 години, тивко и смирено, онака како што и живееше, се пресели во царството небесно третиот поглавар на возобновената Охридска архиепископија, неговото блаженство г.г. Гаврил, чија личност и дело заземаат особено место во поновата историја на македонската црква и држава, како и во културното и духовното наследство на македонскиот народ.
​
– На 10 август 1990 година токму тој го освети архиепископскиот Соборен храм, со кој чин беше заокружено едно од најзначајните остварувања во црковниот живот на современа Македонија. Целиот животен пат на Гаврил беше исполнет со дела и служење во многу области. За помладите поколенија што немаа можност директно да го запознаат, вреди да се потсетиме дека беше личност со големи дела – член на првиот црковно-народен собир, коавтор на првиот македонско-гержански речник, прв декан на Православниот богословски факултет и прв митрополит на Повардарската епархија. Секое од овие дела само по себе претставува значаен придонес, а нивното обединување во една личност зборува за неговата исклучителна работливост, широката образованост и ретката посветеност. Кај него особено пленеше начинот на кој ги исполнуваше сите овие одговорности без наметливост, со кротост и смирение, секогаш подготвен да им служи на верниците и општеството, со должност и одговорност, со што остави длабока трага – порача г.г. Стефан.

Тој потсети дека најголемото животно дело на архиепископот Гаврил е токму првиот комплетен превод на Светото писмо (Библијата) на македонски јазик, познат како Гаврилова библија, објавен 1990 година.
​
– Додека народот се борел за сопствен духовен, национален, јазичен и национален израз, тој почнал со преводот на Новиот завет, а потоа следувал и преводот на Стариот завет. По речиси половина век работа, македонскиот народ го доби современиот превод на Светото писмо на македонски јазик. Преводот на книгата над книгите е неговото најголемо дело и токму затоа со денешното отворање на музејот посветен на Гаврил ја исполнуваме должноста како Црква да го чуваме неговиот спомен – рече поглаварот на МПЦ – ОА.

Реклама

Архиепископот Стефан изрази благодарност до, како што рече, еден од најблиските и најдобри соработници и познавачи на Гаврил, протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски, кој ја формира и ќе управува со музејската поставка.
​
– Од денеска, оној што ќе дојде на неговиот гроб, ќе може да го посети неговиот музеј, и оној што ќе дојде во неговиот музеј, ќе може да се поклони на неговиот гроб – така музејот и гробот стануваат едно. Неговото наследство е повик и кон нас да ги чуваме верата, мајчиниот јазик и со одговорност и љубов да им служиме и на Црквата и на народот. На посетителите им посакувам од ова мало, но убаво место, да понесат и нови сознанија за нашата историја, но и поттик за сопствено културно и духовно напредување. Вечен да му е споменот и Бог да го упокои – порача г.г. Стефан.
​
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ), Оливера Трајковска, во своето воведно обраќање порача дека манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ во Радишани, изграден од г.г. Гаврил и каде што тој имал желба да биде неговото вечно почивалиште, од денеска ќе има и музејска поставка, каде што граѓаните ќе може да ги видат неговите лични предмети и писанија и за миг да се вратат во времето кога тој живеел, создавал и творел.

– Благодарност до сите, без кои ова ќе беше невозможно, затоа што сте чувари на исконот, на духовниот идентитет и затоа што само на ваков начин ќе покажеме дека Македонија и македонскиот идентитет и нашето културно и духовно наследство ќе продолжат да сјаат сè посилно и посилно со блесокот на сонцето и покрај тоа што некој се обидува да ни го затемни – порача Трајковска.

Трајковска изрази благодарност до МПЦ – ОА и до архиепископот г.г. Стефан за поддршката и континуираната конструктивна соработка со Комисијата и го поздрави сестраното вложување во формирањето и оспособувањето на музејската поставка од протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски.

– Со душа внесе живот во онаа навидум мала, но многу голема просторија за сите нас, која од денеска станува бисер на нашиот духовен идентитет – изјави Трајковска.

КОВЗРГ, порача Трајковска, останува посветено да работи и да ги негува културата и нашиот духовен идентитет на сите верски заедници.

Во знак на признание за истакнат придонес во зачувувањето, проучувањето и афирмацијата на македонското духовно наследство беа доделени пригодни плакати на Неговото Блаженство г.г. Стефан – за истакнат придонес во афирмацијата и промоцијата на духовното наследство на Македонија, како и на протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски – за истакнат истражувач и библиограф на животот и делото на блаженоупокоениот архиепископ Гаврил.

Протојереј-ставрофор проф. д-р Ацо Гиревски пред присутните се присети на последните денови и мигови од животот на дедо Гаврил како еден од малкутемина што имале можност да бидат до него во неговиот мал дом. 

​- Тој на постела почна да ја рецитира „Одата на радоста“ и јас тогаш се присетив на зборовите на пророкот дека праведниците и на смртниот час се радуваат во Господа. Така заврши неговиот живот и јас верувам дека овој праведен човек и денес се радува за она што го правиме за него – изјави Гиревски.
​
Одбележувањето е дел од годишната програма на Собранието за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, а во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

​На свеченото отворање присуствуваа и монсињор Киро Стојанов, тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф Полошки, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, Марјан Димов, и претставник на Исламската верска заедница, како и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.

Музејската поставка е сместена во манастирските простории на црквата „Свети Наум Охридски“ во Радишани.
​архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил беше третиот поглавар по возобновувањето на Македонската православна црква во служба од 1986 до 1993 година кога се повлекол поради старост. Роден е 1912 година во Скопје, каде што и починал 1996 година, а е погребан во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Радишани.