Според светските статистики, на секои 10 бебиња, едно се раѓа предвреме. Исклучок од овој тренд не е ниту Македонија. Пример е и прилепската болница, каде само годинава предвреме се родени дури 37 новороденчиња. Тоа се мали борци на кои им е неопходна сосема поинаква и долготрајна болничка нега и грижа, а за што ние мораме максимално да бидеме подготвени, вели д-р Билјана Кржеска и додава дека прилепската болница постојано ги осовременува условите за безбеден раст и развој на овие мали пациенти.
„Тие што се над 34 гестациска недела се породуваат тука, ги прифаќаме во нашата болница, имаме услови – да. Еве, во оваа година, 2026, имаме 12 новороденчиња породени во 34. и 35. недела, 21 новороденче во 36. недела и имаме по две новороденчиња во 30. и 33. недела. Доколку новороденчето е помало од 34. недела и немаме услови да организираме транспорт оти нема време, ја згрижуваме веднаш мајката, се постапува според медицина базирана на докази и пациентката се породува тука“, објаснува д-р Билјана Кржеска, гинеколог-акушер и началник на ГАО во Болницата во Прилеп.
Данче Оклеска-Илијоски е мајка на предвреме родено бебе. Знаејќи ја голготата низ која поминуваат овие мајки и нивните бебиња, таа веќе неколку години активно волонтерски е вклучена во подобрувањето на условите за овие дечиња успешно да го пребродат критичниот период на созревање. Организира хуманитарни настани и донации за да обезбеди сè што е потребно за овие мали херои.
„Моето дете е родено во 24. недела во Англија и беше дете од највисок ризик. Идејата ја пренесов тука, на неколку мајки, и тоа се прошири… Во минатите години направивме големи промени… Имаме неколку нови монитори, има доста реновирање… Донациите кај нас се симболични, ситни, а значајни… Годинава, целта на парите што ги собираме е соба за родители. Значи, ќе има едно прекрасно, достоинствено место каде таткото ќе дојде да си ги земе мајката и бебето. Веќе имаме професионалци кои ќе ја нацртаат собата“, вели Данче Оклеска-Илијоски, претставник на неформалното Здружение на предвреме родени бебиња.
Инаку, во прилепската болница годинава досега се родени 48 новороденчиња повеќе од лани, или вкупната бројка до крајот на годинава се очекува да биде над 450 бебиња. Истовремено, комплетно се екипирани и лекарските тимови од гинеколози, акушери, неонатолози и педијатри, а осовременета е и апаратурата на одделенијата.

