Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на една од националните телевизии, ја коментираше темата за „Алта банка“ и случувањата во земјава, за што кажа дека Народната банка веќе најавила сет мерки и како независно регулаторно тело работи да го заштити интересот на граѓаните, додека како што вели, лидерот на СДСМ повторно се обидува да создаде паника од случување на домино ефект – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Народната банка претставува едно посебно независно регулаторно тело коешто практично е независно и така треба да биде третирано. Банкарскиот сектор исто така спаѓа во она што се нарекува стратешки сектор, економски сектор во државата и кога се пристапува во вакви кризи, треба да се пристапува многу внимателно, имајќи на ум неколку принципи, а тоа е заштита на депозитот и заштедата на граѓаните, меѓутоа и заштита на самиот банкарски сектор. Гледаме дека Народната банка, како регулатор, настапува во моментот во насока на заштита на депозитите на граѓаните. Видовме мерки на прес-конференцијата денес во три насоки, зголемување нели на обемот, на местата за пристапност за подигање на готовина“, рече Лефков.
Лефков го посочи и односот на опозицијата и прес-конференциите на лидерот на СДСМ, каде тој се обидува да создаде паника и како што вели бомбастично најавува некој домино ефект, односно ефект на други банки, за што кажа дека не е точно.
„Апелирам дека политиката и прстите на политиката треба да бидат особено внимателни кога станува збор за банкарскиот сектор и не треба на овој начин да се обидуваат да креираат хистерија. Важно е институциите да го дадат својот одговор, а ние како Собрание на Комисијата за финансирање и буџет да ги разгледаме сите оние аспекти во коишто институциите требало да постапат, а не постапиле или како постапувале“, истакна Лефков и додаде:
„Во дадениот момент се заштитуваат депозитите на граѓаните и се работи активно на мерки и начини за подигање на платите, социјалните придонеси, другите плаќања. Се настојува да се преброди ова и да не се создаде она што Венко го најави како домино ефект во другите банки. Важно е банкарскиот систем да биде стабилен и многу е важно неодговорни политичари да не постапуваат неодговорно обидувајќи се да добијат некој политички поен.“

