Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска пушти во употреба современо опремен фризерско-козметички кабинет наменет за учениците од средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“.
Кабинетот, како што соопштија од Град Скопје, располага со шест фризерски работни места, две берберски, две позиции за шминкање, како и комплетна опрема за маникир и за козметички третмани, со што се обезбедува современ простор во кој учениците ќе го развиваат талентот, ќе го применуваат стекнатото знаење и ќе ги прават првите чекори кон својата идна струка.
– Ова е можност еден млад човек да открие во што е најдобар и да изгради иднина со сопствените знаење, труд и вештини. Тука учениците ќе вежбаат едни на други, ќе ги совладуваат фризерските техники, ќе користат професионална опрема и ќе учат како се гради доверба со клиентот. Чекор по чекор, со поддршка од професорите, ќе стекнуваат искуство и самодоверба за вистинските предизвици на својата идна професија. Особено значајно е што во рамките на практичната настава ќе можат да им нудат услуги по субвенционирани цени на учениците од другите средни училишта. Така, практичната работа добива уште поголема вредност, а младите добиваат дополнителен мотив да го изберат стручното образование и да ја препознаат својата иднина во него. Верувам во овие млади луѓе. Во нивните вредни раце, во нивната креативност и во желбата да успеат – посочи Ѓорѓиевски.
Вели обврска на Град Скопје е да создаде соодветни услови за младите генерации за да можат целосно да го покажат сопствениот потенцијал, нагласувајќи дека најдобро се учи кога теоретската настава се преточува во практика, а практиката во професија.
– Вложуваме во младите денес, за утре да стојат цврсто на свои нозе. Со свој занает. Со своја кариера. Со можност да создадат и сопствен бизнис. Нивниот успех е успех на Скопје – додаде Ѓорѓиевски.
Новиот фризерско-козметички салон за практична настава на средношколците од СУГС „Димитар Влахов“ се наоѓа на булеварот „Партизански одреди“ во трговскиот центар „Лептокарија“, во непосредна близина на Универзитетот Скопје.

