Општина Центар денеска им додели стипендии на 37 талентирани ученици од општинските основни училишта, кои остваруваат забележителни резултати во областа на културата.
Општината соопшти дека десет ученици добија стипендии од по 4.500 денари месечно, а 27 ученици по 4.000 денари месечно и дека финансиската поддршка годинава е зголемена, со цел младите да се поттикнат во развивањето на нивниот талент и творештво.
-Како што ветив во предизборната програма, оваа година ги зголемивме општинските стипендии за 50 проценти. Сакам младите да знаат дека ги препознаваме нивните квалитети, го цениме нивниот труд и вложуваме во нивниот развој – изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Стипендираните ученици имаат освоено награди и признанија на градски, државни и меѓународни натпревари.

-Тоа е потврда не само за нивниот талент туку и за посветеноста на наставниот кадар – наведува Општина Центар во соопштението.
Во рамки на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општината, беа доделени и награди за најдобрите ликовни и литературни творби од конкурсот „50 години Центар – срцето на градот, духот на генерациите“.
Наградени се шест ученици, по тројца во двете категории. За прво место се доделени по 5.000 денари, за второ по 3.000 денари, а за трето по 2.000 денари.
-Општина Центар продолжува да вложува во младите, да ги поддржува нивните таленти и да ги вреднува нивните достигнувања во културата, соопшти Општината.

