Ана Виткова е предлог-кандидат за именување член Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад едногласно утврдена од членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница.
Кандидатката Виткова, како што истакна претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на правни науки. Државен советник е во Владата за правни прашања.
– Со пријавата кандидатката ги доставува сите потребни документи и може да се констатира дека ги исполнува условите согласно одлуката за објавување на јавниот оглас, додаде Сајкоски.
За член на Регулаторната комисија за енергетика кандидатура доставил и Енвер Ељмази, кој, според Сајкоски, не ги исполнува условите согласно објавениот јавен оглас.
Комисијата за прашања на избори и именувања ја утврди предлог одлуката за членови на Советот за граѓански надзор да бидат избрани Андон Димовски, дипломиран социјален работник и доктор по социолошки науки од Скопје, претставник од Центарот за помош на лица со хендикеп и Гордана Стевковска Вељановска, дипломиран психолог, претставник од Македонската асоцијација за применета психологија.
Дамовски, според Сајкоски, се избира како претставник на здружение од областа на заштита на човекови права, безбедноста и одбраната, а Стевковска Вељановска се избира како претставник на здружение од областа на заштита на човекови права, безбедност и одбрана.
Членовите на Комисијата ги донесоа и предлог одлуките за изменување на одлуките за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) и за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието.
Во Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ) предложена е пратеничката Рина Ајдари на местото на Садула Дураку, додека за шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) ќе биде Дијана Тоска, на местото на Рина Ајдари.
Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го утврдија предлогот Дијана Тоска да биде член на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците наместо пратеникот Садула Дураку. Во Комисијата за одбрана и безбедност за член се предлага пратеникот Илир Хасани на местото на пратеничката Рина Ајдари, додека во Законодавно-правната комисија пратеничките Рина Ајдари и Дијана Тоска си ги менуваат местата од член и заменик член.
На денешната седница беше утврдена и предлог – одлуката за изменување на Одлуката за основање пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и за избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави да биде избрана Билјана Кузмавска на местото на Бети Стаменковска.

