Реклама

Уставни измени па се друго: Пофалби за реформите, ама очекувани услови за Македонија од ЕК

„Ралф АИ“ – Новиот македонски „CHATGPT„ за сметководители, правници и административци

Македонското здравство полека се опоравува-следат клучните проекти- болниците во Штип и Тетово, и новиот Клинички во Скопје

Граѓаните кои немаат платежни картички, а имаат сметки во „Алта Банка, од утре ќе може да подигнуваат пари

Чекор поблиску до Европската Унија преку реформи во локалната самоуправа

Сејф сити ја намали, националната стратегија треба да ја преполови, но и да ја сведе на нула

Мицкоски: „Гересхајмер“ планира нова инвестиција во Македонија, во декември можни и три други нови производни капацитети

Бугарија си има проблем- не може да прифати дека Македонците постојат

Повеќе инвестиции, за посилен развој на македонската економија, Владината делегација продолжи со посетата на Германија

Мапата на нови градинки се проширува – пуштена во употреба „Ѕвездички“ во општина Кисела Вода

За пари им менувал оценки на студенти од Турција – осомничен раководител на ИТ-секторот во Штипскиот универзитет

По наследениот хаос, АД Железници – транспорт се враќа во живот

Македонија

Клековски: Постигнат напредок во пристапот до лекови, ИМП и ургентната медицина, многу повеќе треба да се направи во радиодијагностиката, онкологијата, Клиничкиот центар

Изминатиот период најголеми постигнувања во здравствениот систем се направени во пристапот до…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Изминатиот период најголеми постигнувања во здравствениот систем се направени во пристапот до лекови, итната медицинска помош и ургентната медицина, во зачеток се суштинските работи во регионализацијата. Треба многу повеќе да направиме во радиодијагностиката, онкологијата, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и, секако, реосмислување на концептот за долгорочна нега. Без дигитализација, нема зголемување на продуктивноста во здравствениот сектор и во фаза сме на завршување на стратегијата со која ќе се издвојат значителни средства за решавање горливи прашања поврзани со дигитализацијата и работата на болниците, или дигитализацијата и пристапот на лекови, или ПАКС-системите за архивирање и размена на снимки од дијагностички процедури.

Ова денеска на средбата со новинарите го истакна министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги презентира реализираните активности и стратешките приоритети на Министерството.

Тој посочи дека најмногу постигнале на темата што се однесува на пристапот до лекови, уште треба да работат на тоа и се пофали со обновување на есенцијалната листа по 10 години. Укажа дека, по Хрватска, први во регионот сме вовеле модулаторна терапија за цистична фиброза за сите пациенти, дека е направен првиот чекор за децентрализација на терапијата за мултиплекс склероза, деблокирана е донацијата за хемофилија, која според пазарната вредност е речиси милион долари, и обезбедени се 86.000 вакцини за сезонски грип во момент кога Словенија уште нема почнато со вакцинација.

Реклама

Следен чекор, кој веќе е најавен и треба да се комплетира за шест месеци од сега, потенцира, е новиот закон за лекови за кој имаше дебата и се надева дека во рок од еден месец ќе се успее да се консолидираат сите мислења и да влезе во редовна собраниска процедура.

– Во исто време треба паралелно да биде и законот за медицински средства. Значи, првпат се прави раздвојување на двете теми. Ако го комплетираме тоа, ќе ја отвориме дискусијата со Фармацевтска комора за издвојување на фармацевтската или аптекарската дејност во посебен закон. Многу бргу ќе отвориме разговор за давање основни здравствени услуги во аптеките. Има над 1.000 аптеки во земјата, има аптеки во кои нема лекари и мораме да излеземе надвор од кутијата. Ние сме последна земја во регионот каде што не се продаваат и аплицираат вакцини за сезонски грип во аптеките. Не се споредувам со традиционално оние последните, се споредувам со референтните земји. Значи, не е само Грција, каде што се аплицираат вакцини за сезонски грип во аптека, туку и Хрватска пристапи кон тој модел. Од аспект на модернизација, мораме да гледаме што и како може да ги искористиме постојните капацитети – истакна Клековски.

Појасни дека се влегува во фаза кога мора да гледаат како максимално да ги искористат здравствените работници, односно она што го има во моментот и да се подготвуваат, особено во примарната здравствена заштита, затоа што во наредните години ќе се појават други дефицити.

Второто подрачје во кое многу е постигнато е итната медицинска помош и ургентната медицина. Она што е постигнато, нагласи, е 100 нови возила за Службата за итна медицинска помош, а 50 возила ќе се набават дополнително преку ИПА 3-програмата од Европската Унија. – Почната е реформата на службата и очекувам многу бргу Итната медицинска помош – Скопје да се издвои од Здравствениот дом и да стане центар за натамошните промени, во смисла воспоставување национални стандарди за тријажа, за да нема произволна одлука кога се одговара на повик, кога не се одговара на повик, и тоа да биде образложено, и воспоставување национален диспечерски центар за рационално користење на овие тимови што ги имаме во Итната медицинска помош – посочи Клековски.

Во тек е, појасни, расправата со Медицинскиот факултет за воспоставување на програмата за парамедици, а искуствата од други земји покажуваат дека кај 80 отсто од повиците нема потреба од лекар во тимот и тие лекари би дошле многу добро во ургентните центри.

– Реконструкцијата на КАРИЛ е завршена како дел од ургентната медицина, во тек е јавен повик за набавка на опрема за КАРИЛ во вредност од пет милиони евра и доколку сѐ биде во ред, би требало во февруари 2027 година да се реализира. Планирана е реконструкцијата на ургентниот интернистички центар, која е планирана во делот на Токсикологија. Во основа, во сегашната структура во Клиничкиот центар мора да биде јасно назначена патеката за хируршките случаи (трауматолошки и слични), за интернистички, гинеколошки, иако има особено и за педијатриски случаи. Ќе бидат јасни патеките на сите итни случаи, каде ќе се упатуваат, за да нема шетање на Итната медицинска помош од врата до врата и да бараат решение. Вака поделен Ургентен центар спрема медицина – интернистички и хируршки – функционира во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана. Се надевам дека ќе успееме да го воспоставиме и тука – истакна Клековски.

Според него, неопходни се постигнувања во радиодијагностиката, каде што значителен дел од капацитетот се оптоварува со непотребни снимања. Укажа дека се завршува оваа анализа, но дополнителен проблем е што добар дел од опремата влегува во фаза кога е неупотреблива, значи компјутери стари над 10-15 години. Појасни дека тоа прашање бара многу итен фокус во реосмислување на сите патеки за радиодијагностика и не е важно само за онколошките пациенти, туку и за мозочните удари, и додаде дека нема ефикасно справување со мозочни удари ако нема функционална радиодијагностика.

Во фокусот во 2027 година ќе биде ПАКС системот, Министерството има веќе формиран план, обезбедени извори на финансирање, а мамографите во тој дел треба да бидат обезбедени од Европска Унија. Тендерот што веќе бил објавен е поништен, и до крај на годинава ќе се реобјави. Клековски наведе дека веќе имаат многу активности за нови мамографи и дигитализација на рендгените.

Во првата фаза во тек е заокружување со мамографија и дигитални рендгени, за да бидат решени најосновните работи, а од 2027 година да почнат да ги решаваат компјутерите и магнетните резонанци со соодветно планирање, бидејќи, како што рече, некогаш има доволно техника, но таа не е добро организирана.

Со ПАКС-от, како што со националниот диспечерски центар во Итната медицинска помош не треба да зависи која е општинската граница, треба да се воспостави хоризонтална комуникација на целата територија и снимките да се дистрибуираат според моменталната зафатеност. – Ќе ги има во системот. Има три големи европски системи, има и други модели со практична употреба. Прашање е на обезбедување средства, распишување тендер и почнување на промената и ставање во план. Нашите постоечки стандарди се дека 45 минути е едно снимање, западните стандарди се веќе 25 минути за снимање и тоа со други апарати, не со овие апарати стари 16 години. Овие работи ќе бидат брзо консолидирани и направени бидејќи покрај Итната медицинска помош, тоа е подрачје каде има многу жалби и поплаки, истакна Клековски.

Во врска со онкологијата, рече, „единствено што можеме да се пофалиме е дека ги формирале комисиите за тумор-бордови првпат по 10 години, го отворивме дијалогот за редефинирање на онколошката грижа и со поддршка на соодветните европски институции ќе работиме на Национален план за контрола на ракот“. Најави дека треба да стартуваат со физибилити студија за реосмислување на онколошката грижа и со нов концепт на скрининг програмите за кои е планирано да се обезбедат значително повеќе средства.

Според него, регионализацијата ќе биде клучно прашање. Со болниците во Штип, Тетово и Кичево, завршени се два круга на разговори со Светска банка и Европска инвестициска банка, во март очекуваат да има договор со Светска банка, објавување тендер, реализација на тендерите шест месеци, септември-октомври 2027 почеток на работите. Тоа, појасни, не е проектот за градење, проектот е за модернизација и Штип со проектот ќе има помал број на кревети, а не поголем број на кревети, а делот од креветите кои се веќе намалени ќе бидат наменети за долгорочна нега. Потенцира дека тоа во основа е концептот кој сакаат да го постигнат, да се утврди точна патека на исток и југоисток, како ќе се движат пациентите, а регионализацијата е малку покомплексен проблем. 

Во врска со дигитализацијата предвидено е инвестирање од 50 милиони евра во пет години, од кои 70 отсто ќе бидат меѓународни средства од ИПА и од EU4Health планираат да ги обезбедат овие години домашните извори и да ги заокружат сите процеси. ПАКС-от на национално ниво, со опфат на сегашните општи клинички болници и Клиничкиот центар во прва фаза е планиран, и во основа се сигурни дека ќе го направат во предвидениот период.