Стабилизација на компанијата, финансиска дисциплина, инвестиции, модернизација и обнова на возниот парк, со фокус на зголемување на товарниот сообраќај по коридорот 10 и враќање на домашната индустрија на железницата, за надминување на многуте слабости – Раководството на Железница транспорт подготвено го дочека извештајот на Државниот завод за ревизија за периодот во кој компанијата ја управуваше минатата власт. Повеќето од наследеното како хаос сега се решава. Едно по едно велат дека се поправаат и се отстрануваат сериозните наследени предизвици – милионските загуби и критичната состојба со возниот парк. За две години, обезбедена е стабилност, обновен е дел од возниот парк, а трошењата се многу поефикасни.
Каква била наследената состојба, отсликува извештајот за 2024 кога од 62 локомотиви, во функција тогаш биле само 9, од 16 патнички гарнитури употребливи биле само 5, а од 47 вагони, само два биле способни за редовен сообраќај.
Во 2024 година остварена била загуба од 5 милиони и 400 илјади евра, а вкупната пренесена загуба достигнала 109 милиони. Ревизорите утврдиле и небезбедно ракување со нафта, застарена опрема и пумпи за гориво кои со години не се баждарени, заробени залихи во резервни делови од 5 ипол милиони евра. МЖ Транспорт има и проблеми со имотот. Компанијата нема имотни листови за голем дел од зградите и сообраќајните објекти.
Дополнителен товар се судските спорови, а сликата за состојбата во компанијата се финализира и со тогашното утврдено недомаќинско работење, како нерационална потрошувачка на вода од над 5,4 милиони денари и услуги без важечки договори. Сето ова води до јасни предупредувања од ревизорите, дека раководството во периодот на минатата власт сериозно ја загрозило ефикасноста, редовноста и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Од страна на генералниот директор на МЖ Транспорт, на 2ри ноември годинава до Државниот завод за ревизија доставиле информација со конкретни активности за надминување на овие состојби. Во периодот што следи, ќе мора да се спроведат новите мерки и акциски планови, за компанијата целосно да застане на нозе по долгогодишниот колапс.

