Во Варшава денеска е мирно, но и натаму тензично по синоќешните немили настани пред Уставниот суд, каде што полицијата спречи демонстранти да упаднат во објектот. Најмалку четворица се уапсени откако политичкиот спор околу составот на судот ескалираше.
Тензиите ги предизвика суспендирањето на претседателот на највисокиот суд во земјата, што претставува ескалација на судирот со владата на Доналд Туск околу контролата врз судството. Уставниот суд претходно соопшти дека судијката со најдолг стаж, Ана Корвин-Пјотровска, го суспендирала претседателот Богдан Свјечковски и дека сега таа е задолжена за судот.
Политичари од десниот блок, кои присуствуваа на демонстрациите, ја обвинија владата на Туск дека извршила државен удар против судот. Туск изјави дека неговата влада се стреми да го врати владеењето на правото, кое, според Европската Унија, било поткопано од неговите претходници, десничарската партија Право и правда.
„Овој процес е тежок, понекогаш и болен и бара решителна акција. Нема друг начин. Судот ќе почне да работи во согласност со Уставот, без разлика дали тоа на луѓето им се допаѓа или не“, изјави Туск.

