Во повеќе градови во Германија денеска се одржуваат протести на младите, кои излегоа на улица против високите трошоци за живот. Со маски за Ноќта на вештерките и пиротехника, младите од таканаречената Генерација Z маршираат и бараат промени во политиките за образование, социјална сигурност, здравство и борба против климатските промени.
Најмасовни се протестите во Берлин, но демонстрации се одржуваат и во повеќе други германски градови, како и во Франција. Протестите се под силно полициско обезбедување и, за разлика од минатите, засега нема поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, ниту насилства.
Организаторите повикаа протестите да бидат мирни и отфрлија каков било вид насилство. Превентивно, продавниците во некои места сепак останаа затворени поради страв од оштетувања и нарушувања на јавниот ред. Германските безбедносни служби соопштија дека немаат добиено информации за конкретни повици на насилство за време на демонстрациите.
Сепак, портпаролката на Министерството за внатрешни работи изјави дека повиците за учество ги следат и „делови од левичарската екстремистичка сцена, како и изолирани групи поврзани со екстремизам од странско потекло“.

