Запознавање со компаниите, полесен пристап до пракса како и развој на раниот кариерен пат на младите македонски инженери. Саемот за пракса и вработување на машинскиот факултет поврзува студенти и дипломци од целиот инженерски кампус со 18 компании кои нудат практиканство, работни позиции и професионален развој. Како што истакнуваат од машинскиот факултет најважно е тоа што на младите им се дава шанса да ја започнат својата рана кариера дома.
„Целта е да им се обезбеди лесно наоѓање на пракса, изработка на семинарски работи и дипломски работи во овие но и други компании. Доказ дека имаме толку компании, покажува тоа што интересот за вработување на инженери е голем. Ние сакаме со ваквите настани да овозможиме да својата пракса и вработување ја дадат во домашни услови“ , изјави Радмил Поленаковиќ, професор на Машински факултет
Студентите изразија поддршка за оваа иницијатива и истакнаа дека побарувачката за инженери е голема како и потребата од запознавањето на студентите со професионалниот живот.
„Навистина ни е потребно да дојдат компаниите да ни се претстават и ние да можеме да си го пронајдеме нашиот кариерен пат да пронајдеме тоа што анвистина ни одговара ни лежи и да ги запознаеме сите компании“
„Мислам да останам во државава да се вработам во некоја од македонските фирми. Не сакам да се селам убаво ми е тука и зошто да не останам тука.“
„Го разгледав саемот, има доста многу фирми и мислам дека, само ќе ги разгледам флаерите уште еднаш и ќе размислам што ме интересира најмногу“
„Имаа некои интересни фирми како „Микросем“, сега бевме кај „Магна“, интересни се, „Ванхол“ исто така“, изјавија студентите
Претставниците на компаниите сметаат дека ваквите настани се од особено значење и треба да се одржуваат почесто.
„Овие саеми треба да продолжат со уште поголем интензитет така да сепак ова е иднината за студентите којашто поблиску е претставена од компаниите коишто се тука присутни“ , изјава Христо Казанџиски, претставник на компанијата „Микросем“
Ова е второто издание на таканаречениот „TECHMECH“ саем за пракса и вработување. Во саемот се вклучени 18 компании од Македонија и регионот.

